Најголемата манифестација на Балканот, прилепскиот „Пивофест“, почнува вечерва и ќе трае до 16 јули.

Организаторите велат дека сѐ е подготвено за „Пивофест 2017“, кој на посетителите ќе им понуди голема асортиман на домашни и странски пива, вкусна скара и музика за сите вкусови и генерации. Тие ветуваат урнебесна забава бидејќи сите четири дена има атрактивни настапи на изведувачи. Почетокот на музичката програма е со групата „Ај кју“, „Психомодо Поп“ и „Амадеус бенд“.
– Сѐ е подготвено за „Пивофест 2017“. На булеварот „Гоце Делчев“ веќе се поставени штандовите на кои ќе се нуди пиво и скара. Има изработено сообраќаен план во кои насоки ќе се движи сообраќајот овие денови за да нема застој. Службите се подготвени во полн состав и очекуваме голем број гости за фестивалот – вели Талија Петреска од Центар за граѓанска иницијатива, организатор на „Пивофест“.
Како и секоја година организаторите ветуваат голем број изненадувања и новитети, а едни од главните атракции се секако пивскиот воз и пивскиот велосипед. Посетителите консумирајќи пиво и возејќи се со нив ќе можат да го разгледуваат Прилеп.
Љубителите што сакаат авантуристички начин на одмор и добра забава, можат да отидат во Могила каде што утрото им почнува со вкусна чорба, утринско кафе и со чај.
– И оваа година како и во изминатите, сите љубители на авантуристичкиот начин на одмор ќе имаат можност да кампуваат на Могилата. Се обезбедуваат сите услови за добар, хигиенски и пријатен престој – вели Александар Јованоски од организацискиот тим на „Пивофест“.
На фестивалот на пивото и скарата до недела ќе настапат и „Нокаут“, Ален Исламовиќ, Елена Велевска, Анабела, Харис Џиновиќ, „Тајфата“, оркестарот на Џамбо Агушев и главната ѕвезда Северина, која в недела ќе го затвори 15-то издание на прилепскиот „Пивофест“.