Судењето на лекарите кои се грижеа за легендарниот Диего Армандо Марадона пред неговата смрт на 25 ноември 2020 година, започнува во вторник во Буенос Аирес.
Марадона почина на 60-годишна возраст, а срцето му застана додека се опоравуваше од операцијата на мозокот.
Иако популарниот „Ел Пибе“ со години се бореше со зависноста од алкохол и дрога и покрај бројните здравствени проблеми, тамошното Обвинителството заклучило дека лекарите што го лекувале биле невнимателни и дека неговата смрт можела да се избегне.
Седум лица ќе бидат на обвинителна клупа, меѓу кои и неврохирургот, психијатарот и психологот на Марадона. Сите обвинети негираат дека сториле кривично дело и наведуваат дека Марадона бил тежок пациент кој одбил лекување.
Судењето се очекува да трае неколку месеци, а секој од обвинетите се соочува со затворска казна до 25 години.