Почнуваат разговорите на парламентарното мнзоинство и СДСМ за распределба на ресори во идната влада

од Vladimir Zorba
74 прегледи
 Заев вчера во Тетово за формирање на новата влада разговараше со претседателот на ДУИ Али Ахмети, со лидерот на БЕСА Билал Касами и со челникот на Алијансата за Албанците Зијадин Села.

По средбите со албанските партнери Заев рече дека разговорите течат со сите политички партии и дека се надева дека ќе ги заокружат важните принципи за она што е интерес за граѓаните на Република Македонија.

– Драго ми е што во тој дел работите се движат во позитивен правец. Верувам дека утре ќе почнеме да разговараме нешто и за ресорите и имињата за да можеме преку вас да ги информираме граѓаните. Задоволен сум како течат работите – рече Заев.

Европската унија и НАТО, владеење на правото и враќање на правната држава, целосна реализација на Охридскиот рамковен договор, чесност, транспарентност и одговорност на власта, се само дел од принципите кои се спомнуваат како клучни за формирањето на владата.

Од СДСМ не кријат  дека почнуваат  и разговорите за распределба на ресорите со партнерските партии. Заев вчера изјави дека генерално има согласност околу ресорите, но дека најважно од се бил профилот на луѓето кои ќе раководат со нив. За Заев клучни се луѓето кои ќе ги водат министерствата, а не едно повеќе или помалку место! Рокади секако ќе има.

„Нема сигурно да не успее коалиционата соработка и договор заради ресор повеќе или помалку. Многу се важни имињата. Ако има квалитетни имиња верувам дека тоа ќе ни помогне на сите за да конечно го заокружиме пакетот,“ изјави Заев.

Од партијата Беса велат дека на синоќешната средба разговарале само за принципите околу составувањето на владата. Велат дека конечна одлука за тоа дали Беса ќе биде дел од новата влада, се уште немаат донесено.Од Алијансата за Албанците соопштуваат дека утре ќе ги продолжат разговорите со СДСМ. Но, детали околу преговорите не откриваат.

Заев изјави дека очекувањата се сите 67 пратеници да стојат зад новото парламентарно мнозинство.

Претседателот на Собранието Џафери минатата недела рече дека ќе закаже седница за избор на влада во моментот кога ќе го добие материјалот и дека паралелно со оваа седница ќе се одржува и седница за измени на Изборниот законик, односно за закажување термин за одржување на локалните избори.

Потоа, според Деловникот, за програмата на мандаторот и предлогот за состав на Владата, Собранието води единствен претрес кој трае најмногу два дена.

Гласањето за избор се врши за состав на Владата во целина, а треба да заврши најдоцна до полноќ.

Лидерот на СДСМ и мандатор за нова влада, Зоран Заев, синоќа најави дека денес ќе почнат разговори со партиите кои треба да бидат дел од владата, за распределба на ресорите.