Пред Владата во 18 часот почна протестниот марш „Ука, бука, оди си Никола!“ во организација на коалицијата „Граѓаните за Македонија“.
Граѓаните денеска уште еднаш, масовно и гласно од Владата ќе се упатат кон живеалиштето на Никола Груевски и му порачуваат : Оди си!
Денеска се собраа околу 3.000 граѓани. Извикуваат „Слобода“, „Нема правда, нема мир“, „Убијци“…
„Овој протест, ќе биде најбучен досега, ги повикуваме граѓаните да носат тенџериња, капаци од тенџериња, лажици, пластични туби и други предмети што создаваат бучава и заедно ќе се упатиме пред домот на Никола, за тој да слушне и конечно да разбере дека мора да си оди. Никола Груевски, мора да ја напушти власта, затоа што, девет години владее со Македонија, на криминален и насилен начин, порачаа на почеток организаторите. Тоа впрочем, недвосмислено го потврдува и експертскиот извештај на Европската комисија. Граѓаните знаат дека Никола Груевски наместо демократска и правна држава, од Македонија направи партиски вилает. Наместо независно судство ни наметна партиска (не)правда. Наместо независни институции создаде партиски инструменти. Наместо независни медиуми направи партиски мегафони. Наместо социјална правда, на граѓаните им наметна партиска (не)милост. Наместо „граѓанска“ полиција создаде партиска, наместо слободен пазар функционираат само партиски тендери, наместо квалитетно образование и култура имаме само партиска индоктринација, а наместо слободни избори имаме партиски фалсификат“, беше наведено во соопштението на коалицијата.


