Под мотото „Спектакуларно непослушни!“ вечерва во Скопје се одржува 5. Парада на гордоста. Учесниците најпрво се собраа во паркот „Жена-борец“, а потоа, по поздравните говори, го почнаа протестниот марш низ градските улици кој треба да заврши на стадионот на АРМ во Градскиот парк.
И овојпат беше испратена пораката дека протестот е всушност барање, до институциите – да ги штитат човековите права и слободи на сите граѓани и да гарантираат безбеден живот, еднакви можности, недискриминација и социјално вклучување за секого, без разлика на сексуалната ориентација или родовиот идентитет, до Владата – да обезбеди образовен систем, курикулуми и програми кои ќе ги градат светогледите на идните генерации засновани на демократски вредности, солидарност, емпатија и грижа, но и до Собранието – да го усвои законот за матична евиденција со вклучен модел за правно признавање на родот заснован на самоопределување.
Учесниците побараа и здравствениот систем да се прилагоди кон потребите на различните групи граѓани и со тоа, како што нагласија, да биде вклучувачки и недискриминаторски.
Пред почетокот на Парадата се обрати мајка на трансродова тинејџерка. Таа им порача на сите родители чии деца не се цис хетеро, да ги прифатат какви што се и да бидат горди на нив, наспроти општествените правила кои често налагаат да се срамат и да ги отфрлаат.
-Родители, додека општествените правила ви налагаат да се срамите и да ги отфрлате вашите деца, бидете спектакуларно непослушни, прифатете ги какви што се и бидете горди на нив. Кога ќерка ми се охрабри да каже дека е трансродова, го срушивме најдебелиот ѕид меѓу нас што ме попречуваше да ја запознаам целосно и вистински. Претходно предолго гледав како моето весело дете се претвора во исплашена и повлечена тинејџерка. Нејзиното „излегување од шкафот“ го дочекав со радост и големо олеснување што, пак, помогна веднаш да исчезнат сите нејзини грижи и стравови и да ми се врати детето кое го знаев отсекогаш. Родители, додека општествените правила ви налагаат да се срамите и да ги отфрлате вашите деца, бидете спектакуларно непослушни и прифатете ги какви што се и бидете горди на нив, потенцира мајката.
Рече и дека е многу среќна што во време кога хомофобијата и трансфобијата дивеат, ЛГБТ заедницата покажува дека нема да се повлече во четири ѕида.
-По петти пат храбро покажуваме дека припаѓаме во овој свет, по петти пат ги славиме нашите животи кои и тоа како се вредни да ги живееме. Многу тинејџери живеат во страв од своите родители и се соочуваат со отфрлање, слушаат од своите соученици и професори дека не се вредни да постојат и дека не треба да ги има. Драги деца, не е во ред да живеете во страв и изолација додека вашите цис хетеро врсници го живеат тинејџерството до максимум. Не е фер од вас да се бара неизмерна сила и храброст само за да живеете и преживеете во вашите семејства. Знајте дека без разлика што зборуваат возрасните околу вас, вашите идентитети се вистински и валидни. Кога родителите одбиваат да ве прифатат, сакам да знаете дека тоа не е ваша вина, вашето постоење е бесценето и ја заслужувате целата љубов и поддршка на светот. Во најтешките моменти, кога се чувствувате најосамено и кога боли до врескање, сакам да знаете дека не сте сами, дека постои една цела заедница која е тука да ве поддржи, истакна мајката на трансродовата тинејџерка.
Поддршка на годинашниот „Скопје Прајд“ дадоа ЕУ, САД, Германија, Шпанија и Холандија, чии делегации беа присутни на настанот. Меѓу учесниците можеше да се забележи и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Со ЛГБТ заедницата беа и поранешните министерки, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, кои изразија поддршка на борбата против дискриминацијата и говорот на омраза.
Во рамки на Парадата, како што најави Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, вечерва ќе има богата културно-забавна програма со музички настапи во живо, настапи на спектакуларните дрег кралици од земјата и од регионот, како и DJ сетови.
Поради одржувањето на „Скопје Прајд“, од 15.00 часот беше воведен специјален сообраќаен режим во централното градско подрачје, а имаше и голем број припадници на полицијата.