Податокот од Управата за јавни приходи дека во јули е исплатена нето-плата од над 320 илјади евра, додека истовремено над 80% од вработените добиваат плата под просечната, ги револтира, особено оние работници, кои земаат минимална плата од 400 евра.
Дека расте јазот меѓу минималецот и милионските плати алармираат и Сојузот на синдикати на Македонија кои веќе подолго време бараат зголемување на минималната плата на 500 евра. Сепак од власта одбиваат да ја зголемат минималната плата со изговор дека таа треба да се одреди од економскиот развој, продуктивноста и трошокот за живот.

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Бесар Дурмиши
-Mинималната плата сe одредува од еконмскиот развој, зголемување на продуктивноста и нивото на трошок за живот. Ад хок предлог за зголемување без економска покрепа и без да се направи анализа ќе направи директен притисок кај малите и средни претпријатија кои се столбот на економијата. Како последица на ова, ќе произлезе отпуштање на многу работници, како и повторно зголемување на инфлацијата и зголемување на цените кои ќе влијаат на социјалните случаи или сиромашните семејства. Имаме една формула како се одредува минималната плата – 50 проценти од зголемување на претходната плата и зголемување трошокот на животот претходната година. Овој механизам е во склад со синдикатите, ги штити работниците и интерсите на домашната економија, изјави министерот за екомонија и труд Бесар Дурмиши во одговор на пратеничко прашање.
Од ССМ, пак укажуваат дека фрапантни се податоците според кои газдата со највисока плата во Македонија зел плата колку за 817 работници на минималец.

Фото: Принтскрин
-Политичарите изминативе години обожаваат да се расфрлаат со фалби како растот на просечната плата во Македонија покажува дека животниот стандард на македонскиот работник се подобрува, но реалноста е дека работниците и покрај тоа што примаат плата – тонат во сиромаштија, а газдите со милионски плати во денари, па и функционерите со над 2.000 односно 2.500 евра плати уживаат во луксузот и се глуви на барањата за раст на минималната и на сите други плати. Работниците со минимална и просечна плата плаќаат вкупно 38 отсто придонеси за задолжително социјално осигурување, а газдите со милионски износи плаќаат придонеси до 16.430 евра бруто. Над тој износ плаќаат само 10 отсто персонален данок, па ако тоа не е неправда, тогаш не знам што е. Затоа Владата мора да избере – или да им даде на сиромашните работници со плата под просечната плата или да им земе на газдите милионери со плата над милион денари, затоа што едните плаќаат 38 отсто давачки, а другиве само 10 отсто, напиша на социјалните мрежи претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Од друга страна економските експерти укажуваат дека продуктивноста во државата не зависи само од работниците, туку во многу компании за ниската продуктивност се виновни сопствениците и структурата на стопанството.
Според економските експерти, факторите што играат голема улога за тоа колкаво е нивото на продуктивност на компаниите се структурата на компаниите, вложувањата во нови технологии, дигитализација, автоматизација… Во многу компании во кои процесите се автоматизирани, реално е намален бројот на работници, но има и компании каде обемот на работа е ист, а бројот на работници е драстично намален, односно, еден работник работи за двајца, а зема иста плата.
Б.С.