Поддршка од Хрватска за европските перспективи на Северна Македонија

од Vladimir Zorba
114 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во рамките на посета на Република Хрватска оствари средба со хрватската вицепремиерка и министерка за надворешни работи и европски прашања Марија Пејчиновиќ-Буриќ, на која било разговарано за европските перспективи на Северна Македонија.

Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата истакнал дека постои долга традиција на добри односи и пријателство меѓу двете земји, кое било потврдено и со брзата ратификација на протоколот за членство НАТО, како и преку континуираната поддршка за европските интеграции на нашата земја.

– Се наоѓаме буквално на еден ден од објавата на Извештајот на Европската Комисија, во чија содржина, веќе извесно е, дека ќе се рефлектира напредокот на Република Северна Македонија и во затворањето на политичките прашања, но и напредок во имплементација на реформската агенда, изјавил Османи.

На средбата, Османи посочил и на очекувањата во земјава за испорака на преземените обврски од страна и на Европската Унија, преку конфирмација на одлуката од минатата година, за почеток на преговорите со Северна Македонија оваа година.

– Свесни сме за потребата од остварување консензус за оваа одлука во рамките на ЕУ, како и за предизвиците со кои се соочува Унијата, а кои претставуваат предизвик и за земјите – членки, и во оваа насока ја очекуваме поддршката од нашите најблиски пријатели во остварување на нашите европски перспективи, меѓу кои секако ја сметаме и Хрватска, истакнал Османи, се вели во соопштението од СЕП.

Во рамки на посетата на Хрватска Османи треба да оствари средба и со Претседателот на Комисијата за европски прашања во хрватското собрание Домагој Иван Милошевиќ, на кои покрај европските интеграции, како што информираат од СЕП, ќе се разговара и за соработката меѓу парламентите на двете земји, како и за улогата на националните законодавни тела во европските процеси.