Поддршка за Македонија на конгресот на ЕПП во Малта и осуда на руското мешање во Западен Балкан

од Vladimir Zorba
96 прегледи

На конгресот на Европската народна партија во Малта на кој се дискутираше за предизвиците на Балканот и негова брза интеграција во Европската Унија судено е руското мешање и поддршка за евроинтеграцијата на Западен Балкан.

Меѓу усвоените резолуции на когресот во Малта е  „Европа ја обезбедува иднината” во кој е вклучен и Западен Балкан. Во таа резулуција,  информираат од ВМРО-ДПМНЕ, изрично стои дека државите од Западен Балкан во кој спаѓа и Македонија мора да бидат интегрирани во Европската Унија.

– Скорешната историја ни дава посебна одговорност за Западен Балкан. Единствено интеграција во ЕУ може да обезбеди сигурност од конфликтност и дезинтеграција, стои во резолуцијата  и се додава дека целосно членство во Европската унија не значи само партнерство туку и градење други форми на соработка од сестран карактер со кои ќе се зацврсти и самата унија.

Исто така, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, се носи и резолуција во која се критикува и осудува руското мешање во европските држави преку пропаганда, дезинформирање, вклучувајќи медиуми, дипломатија, бизнис секторот. Во резолуцијата се вели дека Европската народна партија е за добрососедска политика вклучително и Русија, но нема да се дозволи руско мешање во политиките на Европската унија.

Изразена е  поддршка од сестринските партии за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ, која ја претставува делегација предводeна од претседателот на партијата Никола Груевски.

 

 

 

 

Присуството на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот, според Груевски, е важно за лобирање за стратешките интереси на Македонија и за актуелната политичка ситуација. Во Малта Груевски се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Јанез Јанша од Словенија, домаќинот на Конгресот и самитот на ЕПП на Малта,  претседателот на Националната партија на Малта Симон Бустил, федералниот министер за земјоделство на Сојузна Република Германија и секретар за финансии на ЕПП Кристијан Шмид , Елмар Брок од Германија и други политичари и влијателни луѓе од политичкиот естаблишмент на европско ниво.

– Се обидуваме секаде каде можеме да лобираме за Република Македонија и за државните и национални интереси. Многу е значајно кога ќе им се каже од прва рака на присутните она што е важно за Република Македонија и за нејзината иднина, напредок, евроатланските интеграции и интереси. Истовремено информираме за се она што се случи во Република Македонија на политички план и се она со што народот, граѓаните на Република Македонија се соочуваат во овој период. Има луѓе кои не се запознати со случувањата и потребно е некој да ги информира и објасни, изјави Груевски.