„Кралот на криптовалутите“ До Квон (Хјеонг До Квон) и неговиот деловен партнер Чанг Јун (Хон Чанг Јун) беа осудени во Основниот суд во Подгорица на по четири месеци затвор за фалсификување патни исправи.
Тие ќе останат во екстрадиционен притвор, бидејќи Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави бараат нивна екстрадиција, поради измама со неколку десетици милијарди долари преку криптовалути.
Тие беа уапсени на 23 март на аеродромот во Подгорица, од каде со нерегуларни пасоши се обиделе да отпатуваат со приватен лет за Дубаи. Тие користеле костарикански пасоши, а при претресот биле пронајдени документи од Јужна Кореја и Белгија.
Во своја одбрана, за време на сослушувањето, До Квон и Чанг Јун објавија дека поднеле барање за костарикански пасоши во Сингапур, преку тамошна агенција и дека ги добиле по спроведените процедури.
Тие рекоа дека биле убедени дека пасошите се легални, но подоцна го прифатиле извештајот на Интерпол во кој се наведува дека нивните патни документи се неправилни.
Апсењето на До Квон го привлече вниманието на светската јавност, бидејќи тој е еден од најбараните лица кој е обвинет за измама од околу 40 милијарди долари преку криптовалути. Минатата година беше издаден црвена потерница за До Квон откако неговите криптовалути пропаднаа на пазарот.
Црногорскиот суд му одреди екстрадициски притвор на До Квон по барањето на Јужна Кореја за негова екстрадиција. До Квон е баран и од Соединетите Американски Држави.