Веќе високите цени на храната би можеле дополнително да скокнат откако Владимир Путин ја прекина испораката на жито од Украина. Путин го раскина целиот договор за коридор за жито откако ги обвини Британците дека им помагаат на Украинците да извршат напади со беспилотни летала врз Црноморската флота во саботата.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека Кремљ „продава лажни приказни“ за да го одвлече вниманието од катастрофалната инвазија.
Неименуван владин извор изјави за британски Телеграф: „Украина е еден од најголемите извозници на пченица и житарки во светот. Ако го ограничите извозот на тие стоки, цената на робата расте и тоа се чувствува низ целиот свет. Тоа ќе има влијание“.
Дејвид Лаборд, виш научен соработник во Меѓународниот институт за истражување на политиката за храна, изјави за „Телеграф“ дека цената на пченицата може да порасне за 10 отсто кога пазарите ќе се отворат во понеделник и дека ефектите од одлуката ќе се чувствуваат ширум светот со месеци.
„Храната веќе е скапа, а тоа ќе ја поскапи“, посочува тој.
Руското Министерство за одбрана ги искористи нападите со беспилотни летала на нејзината поморска база во Црното Море во Севастопол како оправдување за повлекувањето од договорот за жито, кој ОН го опиша како „светилник на надеж“ што ќе ги снабдува сиромашните земји со храна.
„Акциите на украинските вооружени сили, предводени од британски експерти… значат дека руската страна не може да ја гарантира безбедноста на цивилните суви товарни бродови“, рече Русија.
Само еден миноносец бил оштетен во нападот со беспилотно летало, соопшти руското Министерство за одбрана, иако непотврдени извештаи велат дека бил погоден „Адмирал Марков“, предводник на Црноморската флота.
Рускиот портпарол, исто така, посочи дека Кралската морнарица е одговорна за минатомесечната експлозија на гасоводот „Северен тек“ во Балтичкото Море – тврдење што владата на Британија го опиша како „измислена приказна што зборува повеќе за состојбата на руската влада отколку за Западот“.
Украинската влада ја обвини Русија дека се обидува да постигне мир со повлекување од договорот.