Вкупно 23.861 барање заклучно со вчерашниот ден, кој беше и краен рок, се поднесени до Управата за јавни приходи за владината мерка за финансиска поддршка за исплата на плати за април во износ од 14.500 денари за вработените во реалниот сектор.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска денеска на прес-конференција во Владата соопшти дека барањата се поднесени од 21.542 компании.
– Барањата ќе се обработат и потврдат за три дена и ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата од каде ќе се врши исплатата на средствата за месец април 2020 година, рече Лукаревска, додавајќи дека сите работодавачи со комплетна документација ќе бидат информирани за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе ја добијат.
Од угостителскиот сектор поднесени се 2.377 барања, од туристичките агенции и тур оператори 253, од секторот транспорт 2.177, објекти за сместување 258 барања и 16.625 барања од останатите дејности.
Причините за малиот број на барања поднесени од најпогодените сектори од кризата, Лукаревска ги гледа во тоа што најверојатно овие сектори ги користат кредитите од Развојната банка или можеби дел од нив би аплицирале за следниот месец.
– Ова се мерки кои се исклучиво за зачувување на работните места и добробит на компаниите и доброволно секоја компанија може да аплицира за која мерка сака, нагласи Лукаревска.
За финансиска поддршка за исплата на плати конкурираа и физички лица кои вршат самостојна дејност и според поадтоците на УЈП за остварување на ова право поднесени се 5.840 барања.
– Исто така, оваа група на даночни обврзници поднеле 2.164 барања за финансиска поддршка за исплата на плата за месец април 2020 година за своите вработени и тоа угостителска дејност 369, објекти за сместување 11, тур-оператори едно барање, транспорт 136 барања и останати дејности 1.647 барања, соопшти Лукаревска.
До УЈП биле поднесени и 816 барања за ослободување на износот на аконтации од данокот на личен доход, а од нив прифатени се 597 барања. За мерката ослободување на износот на аконтација од данок на добивка, барања поднеле 1.019 даночни обврзници, а прифатени се барањата на 747 даночни обврзници и тоа 149 од дејност транспорт, 114 од угостителството, 79 од туризамот и 405 барања од останатите дејности.
Лукаревска упати благодарност и до сите компании кои, како што рече, покажале општествена одговорност и авансно ги уплатиле своите аконтации за данокот на добивка за 2019 година.
– Продолжуваме понатаму во успешно спроведување на економските мерки, продолжуваме во квалитетно спроведување на процесите за финансиска помош на даночните обврзници. Само заеднички можеме да излеземе посилни после оваа криза и да допринесеме на враќањето на нормалното функционирање во општеството, рече Лукаревска.
За сите мерки даночните службеници од УЈП се и агенти во Владиниот контакт центар и им стојат на располагање на сите заинтересирани за прашањата поврзани со мерките што ги спроведува УЈП. Направена е и меил група [email protected] која има за цел непречено и точно информирање.