По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети, бидејќи се уште постојат околностите поради кои таа мерка им беше определена во текот на истрагата.
Тројца, меѓу кои и 19-годишна девојка се осомничени за убиството.
Хрватскиот интернационалец Тот, кој играше на позицијата десен бек, премина во скопскиот суперлигаш пред почетокот на оваа сезона, откако претходно настапуваше за Охрид. Во кариерата го носеше и дресот на хрватските клубови Ѓаково, Пореч и Бјеловар, Адемар Леон (Шпанија) и Брик (Австрија).