Поевтин леб и зејтин до 30 септември

од Берта Китинска
330 прегледи

На предлог на Министерството за економија вчера донесе одлука за ограничени маржи што ќе важат заклучно со 30 септември годинава.

Владата со ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи на 5 до 10 отсто повторно ќе се обиде да го спречи растот на цените на производите.

– Во консултација со бизнис заедницата и по координација со надлежните институции донесовме Одлука според која заклучно со 30 септември 2022 година за леб бел – сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир, се утврдува трговска маржа во висина до 10 проценти во трговијата на големо и на мало, информира вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

Според одлуката, како што нагласи министерот, се предлага рабатот и надоместоците да не се одобруваат до 31 декември 2022 година.

Порача дека мерките секогаш се носaт во консултација со стопанските комори.

-Не е фер кон потрошувачите во текот на 24 часа да има зголемување на цените од 80 проценти кога нема зголемување на оперативните трошоци, ниту пак на суровините. Цените на суровините државата ги следи при влезни фактури од страна на Царинската управа. Ние не сме забележале дека од 31 мај до 1 јуни толку се зголемени влезните фактури. Мислам дека доволно или повеќе од доволно е пет отсто да се има маржа за основни прехранбени производи во време на криза, посочи Бектеши.

Слични содржини