Погребан блогерот кој загина во Санкт Петербург, од „Вагнер“ наместо венец донеле чекан

од Nikola Popovski

Во Москва денеска беше погребан рускиот воен блогер Владлен Татарски, кој загина во експлозија што се случи на 2 април во кафуле во Санкт Петербург, а меѓу другите на погребот присуствувале и членови на паравоената група „Вагнер“.

Според руските медиуми, на погребот на блогерот присуствувале неколку стотици луѓе, а меѓу оние кои се простиле од Татарски биле и музичари. Еден од оние кои се збогувале бил музичарот Аким Апачев, кој од неодамна е во служба на рускиот режим кога станува збор за продукција на руски патриотски и борбени песни.

Сепак, она што го привлекло вниманието на медиумите кои присуствувале на погребот е доаѓањето на претставници на групата Вагнер, меѓу кои и шефот Евгениј Пригожин.

Наместо венец, што е вообичаено на погребите, членовите на „Вагнер“ донеле голем чекан на кој биле испишани зборови на жалост.

Сепак, руските и украинските медиуми почнаа да пишуваат што всушност сакале да пренесат од „Вагнер“ со овој чин.

„Се испостави дека е прилично двосмислен момент. Според информациите, членовите на Вагнер со голем чекан ги убиваат оние што ги сметаат за предавници“, пишува „Страна“.

По експлозијата во кафулето, руските безбедносни служби ја уапсија Дарија Тепова, која е осомничена дека го организирала нападот на Татарски.

Слични содржини