Поларен бран ќе биде многу опасен за милиони луѓе во наредните денови, особено на северот на Европа. Финска и Шведска забележаа најниски температури оваа зима, измерени се -40 степени. Во селото Никалуокти, на северот на Шведска утрово се измерени 41 степен под нулата, јави шведската телевизија СВТ.
Метеорологот од СВТ, Нилс Холмквист изјави дека во моментов се бележат најниските температури за оваа зима, а на север времето ќе продолжи да биде прилично студено.
Ниските температури предизвикаа значителни проблеми во железничкиот сообраќај. Предупредување за снег и ветер е издадено и за централна и јужна Шведска.
Ниту Хелсинки нема да го избегне студениот бран со температури до минус 20 цела оваа недела. Но, Финскиот метеоролошки институт предупреди дека може да биде многу постудено во делови на Финска, со температури до минус 40 степени Целзиусови.
Данската управа за патишта затвори клучен мост за возила со лесни приколки поради силните ветрови кои можат да влијаат на возењето. Над северниот дел на земјата се очекува обилен снег, соопшти данскиот метеоролошки институт.
Москва и европскиот дел на Русија се под напад на поларното ладење кое доаѓа од север и од поларните региони. Најлошо ќе биде во средината на неделата, во Москва ќе биде околу -33°С, а во текот на денот до -25°С. Северно од Москва ќе биде уште постудено, со температури до -40°C наутро, а температурите нема да надминат -30°C во текот на денот.
Поларниот бран ќе биде еден од најсилните досега забележани во европскиот дел на Русија, додека температурите од -40 до -30°C се редовна појава во азискиот дел на Русија и Сибир, а -50, -60°C во регионот Јакутск.
Во другите делови на Европа следните денови ќе бидат многу пријатни, благодарение на многу благите воздушни маси од Атлантикот и Медитеранот.