Полицајци фатени со лажни боледувања, дел од нив ги менувале матичните лекари за да не одат на работа

Неправилни едно од пет боледувања во МВР, изречени казни од 1,2 милиони денари

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: МВР

Фондот за здравствено осигурување констатира дека едно од пет пријавени боледувања во рамките на Министерството за внатрешни работи се неправилни. Според директорот Сашо Клековски, во фокусот биле 80 лица со вкупно 514 боледувања. Од нив 258 боледувања биле до 7 дена, 171 до 15 дена, а 83 траеле 30 или повеќе дена.

Најчестите дијагнози за боледувањата биле респираторни болести, проблеми со мускулниот систем и дигестивни пречки. Од 80 контролирани лица, кај дури 29 лица (37%) се утврдени неправилности. Од вкупно 514 боледувања, 100 биле неуредно издадени, што е речиси секое петто боледување.

Контролата опфатила 105 приватни установи (ПЗУ), три ЈЗУ и три лекарски комисии:

– Неправилности кај 27 ординации по општа медицина и 2 по гинекологија

– Пропусти кај 3 специјалисти во државното здравство

– Неправилности кај 2 лекарски комисии (ПЛК/ВЛК)

Според Клековски, главни прекршоци се дека не се почитувале задолжителните дијагностички постапки и се надминувале дозволените временски рамки. Директорот истакна дека за утврдените прекршоци веќе се покренати постапки за казни во вкупен износ од околу 1,2 милиони денари.

Според него, дел од тие боледувања се оправдани, но дел се злоупотребуваат, односно, еден човек зема седум дена боледување, па доаѓа еден ден на работа, а потоа под друга дијагноза, отвора ново боледување. Директорот додаде дека 10 од тие 29 лица менувале матични лекари за време на боледување, што е еден од показателите дека има проблем со боледувањата.

„Оти кога ќе престане матичниот лекар да сака да издава или да одобрува, одат кај друг матичен лекар и почнуваат од ново“, вели, меѓу другото, директорот на ФЗО.