Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потврди дека се постапува по случајот со исчезнувањето на 26-годишното момче кое, според пишувањата во медиумите, е роднина на политичарот и лидер на „Обединети за Македонија“ Љубе Бошкоски.
-Од вчера се преземаат активности во низа на оперативно-криминалистички постапки од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје. Ќе ги согледаме сите факти што ќе произлезат од истрагата за да видиме и да откриеме за лицето кое се води како исчезнато, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата на тема „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта“, што ја организираше Министерството за труд и социјална политика.
Според апелот на социјалните мрежи за пронаоѓање на 26-годишното момче, трагата му се губи кај Амбасадата на Чешка во Скопје.
Случајот вчера го потврдија и од Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен.
– На 04.03.2023 во 08.00 часот во СВР Скопје, М.К.(32) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат С.К.(26), се наведува во полицискиот билтен.