Полицијата откри кој им се заканувал на уставните судии

од Nikola Popovski
705 прегледи

Полицијата попладнево соопшти дека открила кој им ги испраќал заканите на дел од уставните судии.

-Денеска (24.06.2024) околу 12 часот претседателот на Уставниот суд Д.К. во Секторот за компјутерски криминал при МВР пријави закани по животот и безбедноста на судија на Уставен суд упатени од С.И. преку социјална мрежа, информираа од МВР.

Додаваат дека случајот ќе биде расчистен во најкус рок.

Претходно претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски поднел пријава до Министерството за внатрешни работи, за упатени закани по животот и безбедноста на судии на Уставниот суд.

Пријавата е поднесена поради директно упатени закани кон судија односно судии поврзани со постапување по конкретен предмет од страна на Судот.

На крајот на тригодишниот мандат, претходната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска обелодени пред јавноста дека трпела закани речиси секој ден, но дека дури неодамна се одлучила за тоа да ја алармира полицијата.

„Трпам закани неколку години наназад. Нема недела да помине, а да немам некоја закана. Имав и физички напад. Бев физички нападната, но никогаш претходно не пријавував, сметав дека се работи за изолирани случаи“, рече Кацарска кон крајот на мај. Разврска на случаите се уште нема.

Уставниот суд веќе информираше дека Кацарска на 14 мај во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзиното приватно паркинг место во близина на нејзиното живеалиште во подземна гаража на зграда во Центар биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож. На 18 мај, пак, во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје непознато лице вербално и се заканувало на екс-претседателката на Уставниот суд по што интервенирало нејзиното обезбедување.

Слични содржини