Во екот на туристичката сезона, хрватската полиција излезе со соопштение во кое ги предупредува родителите на деца да бидат особено внимателни на плажите од педофили кои скриваат камери во пераи, книги, ладилници…
Во Хрватска се почесто се известува за личности кои биле фатени на плажите како снимаат деца со цел сексуално искористување.
Последниот таков случај бил забележан на островот Истра, каде 51-годишен италијански државјанин бил фатен како снима деца на плажа со мини-камера скриена во очила за сонце.
Но, како што пишуваат хрватските медиуми, такви случаи се регистрирани на повеќе плажи долж Јадранското Море, но и на градските базени низ Хрватска.
На родителите им обрнуваме внимание дека на плажите и базените каде што престојуваат деца, сторителите најчесто снимаат деца без облека, при што особено се фокусираат на интимните делови на детето. Тие снимки ги зачувуваат и ги користат за задоволување на сопствените телесни потреби, но и ги разменуваат со други“ – нагласуваат од хрватската полиција.
Без разлика на тоа што педофилите не остваруваат директен контакт со детето, со самото снимање, тие ги виктимизираат малолетните деца и прават казниво дело „искористување деца за порнографија“, за што е пропишана затворска казна од една до десет години.
Во случај на присилно снимање на детето, казната може да се зголеми и до 12 години, според тамошните закони.
Властите во земјата напомнуваат дека главно сторителите се мажи, странски државјани кои во Хрватска дошле како туристи. Иако не може да се одреди точна старосна граница, најчесто, тоа се луѓе во позрели години.
Камерите многу често ги скриваат во рачни часовници, пенкала, очила за сонце, но и во преносни ладилници, книги, пераи.
Таквите луѓе најчесто може да се препознаат по тоа што сами се свртени кон децата, како и со предметот со којшто најчесто ги снимаат.
Често вршат повторливи дејствија и погледот секогаш го задржуваат кон децата.