Вооружениот напад во приватното христијанско училиште во Нешвил, Тенеси, во кој загинаа три деца и тројца возрасни, го изврши 28-годишната Одри Хејл, поранешна ученичка во тоа училиште, која била убиена од полицијата.
Полицијата во Нешвил соопшти дека во домот на Одри Хејл биле пронајдени уште две пушки, јавува Би-Би-Си.
Објавено е и видео на кое се гледа жена со оружје во просториите на училиштето. Полицијата соопшти дека таа користела две полуавтоматски пушки и пиштол за нападот.
Одри Хејл детално го испланирала нападот и претходно нацртала мапа на училиштето, на која биле прикажани места каде може да се влезе во зградата, како и места покриени со надзорни камери, пренесува Си-Ен-Ен.
Active shooter Audrey Elizabeth Hale drove to Covenant Church/School in her Honda Fit this morning, parked, and shot her way into the building. She was armed with 2 assault-type guns and a 9 millimeter pistol. pic.twitter.com/mIk2pDmCwQ
— Metro Nashville PD (@MNPDNashville) March 28, 2023
Шефот на полицијата во Нешвил, Џон Дрејк, рече дека полицијата открила и „некаков вид манифест“ напишан од Хејл, додавајќи дека таа чувствувала „огорченост поради тоа што морала да оди во тоа училиште“.
Потсетуваме, во пукање во приватно христијанско училиште во Нешвил, Тенеси, загинаа седум лица, меѓу кои и жената која го изврши нападот, соопшти полицијата.
Меѓу жртвите има и три деца кои имале девет години. Според информациите, полициските службеници кои излегле на местото на настанот слушнале пукање од вториот кат на училиштето, на кое присуствуваат деца на околу 12 години.
Полицијата соопшти дека двајца полицајци од петчлена екипа пукале во жената во ходникот на училиштето, по што била констатирана смрт. Како што се наведува, жената во училиштето влегла преку спореден влез.
Масовните престрелки станаа секојдневие во САД, но напаѓачите ретко се жени.