Во рок од 15 месеци, претседателката на Косово, Вјоса Османи, по втор пат ќе го стави својот потпис на указот за распишување на парламентарните избори. За прв пат, на 16 август 2024 година, таа го закажа редовното гласање за 9 февруари 2025 година, а денес објави дека вонредните избори ќе се одржат на 28 декември. Пред тоа, претседателката го распушти деветтото Собрание во историјата на земјата по консултации со претставници на политичките партии.
Опозициските ДПК, ДСК и АБК беа за датумот на новите избори да биде 21 декември, а партиите кои сè уште се во Владата која има технички мандат, Самоопределување и Гуџо, за 28 декември. Тоа е и датумот кога дијаспората, која традиционално е наклонета кон актуелната владеачка Самоопределување, ќе биде на Косово, иако Османи на денешната прес-конференција ги отфрли забелешките на новинарите дека избрала датум што ѝ одговара на партијата на Аљбин Курти.
Според дел од косовската јавност, редоследот на партиите нема значително да се промени дури ни по тие избори, што значи дека само подготвеноста за компромис и отстапки ќе доведе до нова Влада. Во спротивно, политичката криза ќе се протега во првите месеци од 2026 година. За косовскиот аналитичар и експерт за безбедност, Дризан Шала, официјална Приштина повторно оди на избори бидејќи институционалната блокада стана структурна.
-Резултатите од изборите во февруари не донесоа јасно мнозинство, а политичките актери не се подготвени да направат компромис по клучните прашања – пред сè, дијалогот со Србија, реформата на безбедносниот сектор и европско-атлантскиот курс. Во основа, земјата е во политичко-безбедносен вакуум, каде што техничката влада администрира, но не може да дејствува стратешки, вели Шала во анализа за „Локално“.

Дризан Шала/Фото: Фејсбук
Запрашан како меѓународната заедница гледа на ваквата ситуација и дали Американците полека „губат доверба“ во Албин Курти и Самоопределување, соговорникот вели дека меѓународните партнери, особено САД, ја следат ситуацијата со сериозна загриженост.
-Не станува збор за губење на довербата, туку за брзо губење на трпението. Вашингтон очекува стабилност, функционални институции и капацитет за донесување одлуки. Во моментов, Косово не испраќа такви сигнали. Продолжената криза ја ослабува позицијата на Курти и отвора простор за толкувања дека институциите губат ритам и фокус, оценува Шала.
Продолжената криза значи дека Косово нема усвоено буџет за следната година. Околу тоа колкав е тој проблем за државата, аналитичарот потенцира дека неуспехот да се донесе буџетот не е технички, туку безбедносен проблем. Според неговите пораки, без буџет модернизацијата на безбедносните структури е замрзната, критичните инфраструктурни проекти се запираат, комуналните и регионалните служби работат во вонреден режим и меѓународните партнери ја оценуваат земјата како високо ризична за планирање.
-Практично, Косово влегува во 2026 година без можност за стратешко управување, дециден е Шала.
Неминовно прашање е како целата ситуација ќе влијае на евроатлантската агенда на Косово. За соговорникот, кризата директно ја забавува европската агенда и испраќа сигнал дека Косово не е во можност да го одржи институционалниот континуитет. За НАТО и ЕУ, стабилноста е основен предуслов.
-Секој месец политичката парализа го намалува кредибилитетот на државата, темпото на реформите, меѓународната позиција во процесите на прием. Со тоа, Косово губи чекори во регионалната конкуренција, укажува Шала.
Аналитичарот додава дека ваквиот развој на настаните максимално ѝ одговара на Србија. Според него, додека Приштина води внатрешни политички битки, Белград ја зајакнува дипломатската офанзива против признавањата на Косово, гради наратив за „нефункционална држава“, ги зајакнува оперативните структури во северните општини и се обидува да се позиционира како „стабилен актер“ во време кога Косово изгледа фрагментирано.
-Косовската криза му дава на Белград и стратешки и пропаганден простор – особено во отсуство на дијалог, заклучува Шала.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Вјоса Османи
Пратениците во Собранието на Косово не избраа нова влада. 56 пратеници гласаа за Владата што требаше да ја предводи Глаук Коњуфца од Самоопределување – 53 беа против, а четворица пратеници беа воздржани, по што сега следуваат нови избори. Презентирајќи го излагањето, Коњуфца истакна дека за прв пат во неговиот парламентарен живот, Собранието не успеа да формира влада.
„Оваа година ќе се памети како изгубена. Во последните години, достигнувањата на Косово не се мали, надворешниот долг е помал, на север структурите на Србија поврзани со криминални банди се потиснати, додека буџетот за одбрана е многу поголем“, рече Коњуфца и продолжи. „Ако повторно одиме на избори, кој може да ни гарантира дека можеме да ја избегнеме кризата. Нема гаранција. Ако одиме на избори, институциите мора да се подготват, тука се граѓаните, како и ЦИК. Прашањата што нашата влада ќе ги разгледа се буџетот за следната година, усвојувањето на буџетот со ЕУ и Светската банка, формирањето на парламентарните комисии и усвојувањето на буџетот за три општини“, додаде Коњуфца.
На изборите на 9 февруари, Самоопределување освои 42,3 проценти од гласовите, втора беше ДПК со 20,95 проценти, трета беше ДСК со 18,27 и четврта беше коалицијата на АБК и Нисма, на која ѝ веруваа 7,06 проценти од граѓаните.
Европската Унија изрази жалење што политичките партии во Косово не успеаја да го надминат повеќемесечниот политички ќорсокак по изборите во февруари, поради што земјата сè уште е во институционална блокада. ЕУ нагласува дека „Косово мора да ги има потребните капацитети за да дејствува како функционална држава“. Во овој контекст, претставниците во Брисел очекуваат Косово да се врати на вистинскиот пат на виталните реформи поврзани со процесот на европска интеграција во корист на нејзините граѓани и за напредок во нормализацијата на односите со Србија.
ЕУ ја нагласува својата подготвеност да соработува со косовските институции и да продолжи да го поддржува Косово на патот кон Европската Унија. Во исто време, Брисел жали што не се создадени услови за Косово да ги користи финансиските средства од Планот за раст.
„Жалам што политичките партии досега не успеаја да се договорат за клучните прашања, вклучително и ратификацијата на Планот за реформи и раст“, изјави портпаролот на Европската комисија, како што пренесува „Газета Блиц“.
Н.П.