Политички потрес во најнестабилната европска држава

од desk4
133 прегледи

Украина вчера вплови во непознати политички води откако конечните резултати од изборите покажаа дека комичарот без политичко искуство и јасен план, го разби статус кво и со голема победа стана нов шеф на државата.

Триумфот на 41-годишниот Володомир Зеленски е тежок удар за актуелниот претседател Петро Порошенко, кој се обидуваше да освои нов мандат претставувајќи се како штит против руската агресија и чувар на украинскиот идентитет.

По 95 отсто преброени гласови, Зеленски имаше 73 отсто, а Порошенко помалку од 25 проценти од гласовите.

Актерот со еврејско потекло, Зеленски, во популарна ТВ серија глумеше учител по историја кој станува претседател откако држи бесен говор против корупција, а снимката од тој говор станала вирална.

Фикцијата стана јаве и Зеленски сега навистина ја презема државата која е на првата линија на судирот меѓу Западот и Русија откако Москва го анектираше Крим и го поддржа прорускиот бунт на истокот на Украина.

Москва внимателна, честитки од Вашингтон и Брисел

Новиот украински претседател во неделата рече дека планира да ги продолжи преговорите со Русија, кои ги поддржуваат европските земји, за засега неимплементираниот мировен договор и оти ќе се обиде да ги ослободи 24 украински морнари притворени во Русија.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев минатата недела потпиша декрет за ограничување на извозот на рускиот јаглен, суровата нафта и нафтени производи во Украина и истакна дека Москва и Киев сега имаат можност да ги подобрат уништените економски односи, но и оти не гаи илузии дека тоа и ќе се случи.

„Искреност. Прагматизам и одговорен пристап“, одвори Медведев на социјалните мрежи на прашањето што е потребно за постигнување подобри односи меѓу двете земји.

Зеленски ветува дека ќе ја задржи прозападната ориентација на Украина и ќе стави крај на војната во источниот регион Донбас и ги уверува инвеститорите дека ќе спроведува реформи, ќе се бори против корупцијата и ќе ги почитува условите на ММФ.

САД, ЕУ и Русија внимателно ќе ги следат неговите надворешнополитички објави, како и за тоа што и како ќе направи за да се обиде да ја запре војната против проруските сепаратисти, во која досега загинаа 13 илјади луѓе.

Американскиот претседател Доналд Трамп му се јавил на Зеленски и ветил поддршка за украинскиот територијален интегритет, а претседателот на Европскиот совет Доналд Туск му честиташе на украинскиот народ на она што го нарече показател за демократското созревање. Иако Зеленски ветува задржување на Украина на прозападниот пат, тој е помалку ентузијаст од Порошенко за можноста за членство на таа држава со 42 милиони жители во ЕУ и НАТО.

Нејаснотија

За својот подем Земенски треба да се заблагодари на протестното расположение на бирачите, а станува збор за модел кој се случува во многу делови во светот, од изборот на американскиот претседател Доналд Трамп до Брегзит и италијанското Движење пет ѕвезди, кое на власт дојде, исто така, благодарејќи на актер – комичарот Бепе Грило.

Објавувајќи победа од седиштето на својот Изборен штаб, Зеленски на воодушевените приврзаници им порача дека нема да го изневери украинскиот народ.

– Сè уште официјално не сум претседател, но како украински граѓанин можам на сите држави настанати од Советскиот сојуз да им порачам да се угледаат на нас. Ова заедно го постигнавме. Се е можно!.

Иако почна да објавува делови од својата политичка програма, Зеленски всушност и натаму претставува нешто непознато, а е сомнителен и поради своите врски со моќниот олигарх Ихор Коломоски, сопственик на телевизијата на која настапува и кој е одмазнички расположен кон Порошенко.

Зеленски тврди дека нема да биде под влијание на олигархот, а еден од првите испити за тоа тврдење ќе биде судбината на банката ПриватБанк, која до неодамна беше во сопственост на милијардерот.

Киев ја национализираше во 2016 година, во рамки на чистењето на банкарскиот сектор со поддршка на ММФ, кој ја поддржа Украина со неколку милијарди вредни програми за кредитирање, но неколку дена пред претседателските избори, Суд во Киев пресуди дека промената на сопственоста на ПриватБанк била илегална.

Слични содржини