Политичките партии потпишаа декларација за борба против насилството врз жените

од desk3
91 прегледи

Петнаесет политички партии денеска потпишаа Заедничка декларација за спречување и заштита од различни форми на насилство врз жените и семејното насилство.

Со Декларацијата се обврзаа на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од сите форми на насилство врз жената и домашното насилство донесена во Истанбул 2011 година, на следење на препораките на Советот на Европа за достапност и минимум стандарди кои треба да ги исполнуваат услугите за поддршка, како и на обезбедување одржливост на мерките преку развивање програми за финансиска поддршка на национално и локално ниво.

Потпишувањето воедно го означи и стартот на годинашната кампања „16 дена активизам против насилство“.

– Заложбата на политичките партии поинтензивно да почнат да работат на овој проблем и да му пристапат со вниманието што го заслужува, е само првиот чекор кон справување со насилството врз жените и семејното насилство кое ја засега секоја трета жена во Македонија, рече извршната директорка на Националната мрежа против насилството врз жените, Елена Димушевска.

Според неа, минатата декада Македонија дејствуваше преку законите, но сепак семејното насилство се уште не се препознава како родово, а општеството го миноризира и маргинализира.

– Недоволна е заштитата врз жените, тежок е пристапот до услугите на институциите и тие не обезбедуваат целосна територијална покриеност, за насилството се уште нема ни статистика, а овој проблем воопшто не бил во фокусот на политичките партии, посочи Димушевска, укажувајќи ги како посебно сериозни проблемите со присилниот абортус и стерилизацијата, сексуалното вознемирување на жените на работното место,…, кои, рече, исто така не се третирани.

Потпишувањето на Заедничката декларација го поздравија шведскиот амбасадор во земјава Мат Стефансон и постојаниот координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП Лујза Винтон.

Стефансон напомена дека за успешно справување со семејното насилство и насилството врз жените неопходно е проблемот да се гледа како општествен. – Задоволство е да се види што толку многу политички партии ја потпишаа Заедничката декларација. Ова е важен чекор кон справување со семејното насилство. Да се направи ова сред турбулентниот период во кој се наоѓа државата, е показател на силната посветеност, истакна амбасадорот.

Винтон дополни дека истанбулската Конвенција е најдобрата правна рамка во светот за борба против насилството врз жените. – Охрабрени сме што гледаме дека толку многу политички партии се залагаат за што побрза ратификација на Конвенцијата. Спроведувањето на нејзините одредби ќе гарантира побезбедна иднина за жените и девојчињата и ќе помогне посветеноста на земјата кон родовата еднаквост да се претвори во реалност, рече Винтон.

Пред 17 години, Обединетите нации го утврдија 25 Ноември како Меѓународен ден за борба против насилството врз жените. Се смета дека 70 отсто од жените во светски рамки претрпеле насилство. /MИА

Слични содржини