Европската унија се подготвува официјално да го најави почетокот на претпристапните преговори со Украина веќе во декември, пишува порталот „Политико“, повикувајќи се на дипломати во Брисел запознаени со планот.
Според тројца неименувани дипломати, лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ имаат намера да „дадат зелено светло“ за почеток на преговорите со Украина пред крајот на годината.
Во јуни Украина доби статус на кандидат за членство во ЕУ, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во својот годишен говор во Европскиот парламент во септември рече дека иднината на земјата е во Унијата.
Во ноември Европската комисија треба да објави извештај за напредокот на Украина и другите земји кандидати, вклучително и земјите од Западен Балкан и Молдавија.
„Сегашната претпоставка е дека Советот на ЕУ ќе донесе одлука за отворање преговори до декември“, истакнал дипломат кој не сакал да биде именуван.