„Политико“: Одземањето на правото на глас во ЕУ на Будимпешта веќе не е незамисливо

од Vladimir Zorba

По неколку години мек пристап кон унгарскиот премиер Виктор Орбан, европските дипломати даваат сигнали дека таканаречената „нуклеарна опција“ – лишување од Будимпешта од правото на глас во ЕУ веќе не е незамислива, доколку Унгарија повторно се обиде следната недела да ја блокира помошта од 50 милијарди евра за Украина.

Петмина европски функционери и дипломати изјавија дека членките на ЕУ се подготвени на тој чекор, што би бил историски потег за заедницата која се потпира на кохезија и едногласност, пренесе „Политико“.

„Ако Орбан повторно го блокира договорот за буџетот од 50 милијарди евра за Украина на самитот во февруари, активирањето на член 7 за одземање на правото на глас на Унгарија може да стане вистинска опција“, рекол дипломат на ЕУ.

Во декември, Орбан ја блокираше одлуката на ЕУ да испрати помош за Украина, а потоа рече дека ќе биде подготвен да го укине ветото само доколку Брисел ги деблокира замрзнатите средства за Унгарија поради кршење на владеењето на правото.

Со години, Европската унија се обидуваше да го спречи падот на владеењето на правото во Унгарија со негирање на финансиски средства, а Орбан пак го искористи правото на вето во неколку наврати.

„Јасно е дека на шефовите на држави и влади им е преку глава од Орбан. Време е тој да сфати дека заканата за активирање на членот 7 сега навистина постои“, рече професорот по европска политика Стивен Ван Хенке.

Проблемот може да биде што некои земји од Централна и Источна Европа се плашат да се повикаат на членот 7, бидејќи се загрижени дека во иднина би можеле да се соочат со слични проверки на владеењето на правото дома, велат за „Политико“ неколку дипломати.

Слични содржини