„Политико“: „Петка“ за Албанија и Црна Гора и „тројка“ за Македонија во извештајот на ЕК за проширувањето

-Се очекува извештајот да забележи одреден економски напредок и посилно усогласување со надворешната политика на ЕУ, но „генерално, не е пријавен значаен напредок во споредба со минатата година“, наведуваат извори од ЕК за евроинтеграциите на Македонија

од Nikola Popovski
62 прегледи Фото: Принтскрин

„Северна Македонија останува во дворот на ЕУ, и покрај напорите за напредок“, пишува бриселскиот портал „Политико“. Во годишниот извештај за напредокот на Европската комисија за земјите-кандидатки, кој треба да биде објавен денес, Македонија добива оценка еквивалентна на „тројка“.

И покрај историскиот компромис со Грција и промената на името во 2019 година, процесот на преговори е блокиран, овој пат поради спорот со Бугарија и условот за уставни измени односно впишувањето на бугарската заедница во Преамбулата.

-Се очекува извештајот да забележи одреден економски напредок и посилно усогласување со надворешната политика на ЕУ, но „генерално, не е пријавен значаен напредок во споредба со минатата година“, наведуваат извори од ЕК цитирани од „Политико“.

Во документот Македонија се оценува како земја која е „дополнително задржана на час“, заедно со земји како Србија и Босна и Херцеговина, кои добиле оценка „двојка“.

Грузија се покажала најлошо со „незадоволителна оценка“, која што е полоша од двојка.

Косово, кое не е официјален кандидат, останува во сенка на процесот сè додека не биде признаено од сите земји-членки.

Извештајот ѝ дава на Црна Гора оценка „одлична“, како „најнапреден кандидат“. Албанија добива 6 минус, а Молдавија плус 5. Украина добива солидно „добар“ напредок што е еднакво на „пет“.

Турција останува да биде „ученик кој бега од часови“ откако преговорите со неа беа замрзнати во 2018 година поради прашања поврзани со владеењето на правото и човековите права.

Според најавите, еврокомесарката за проширување Марта Кос попладнево ќе го претстави пакетот за проширување пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, по што ќе следи дебата која се очекува да биде фокусирана на постигнувањата на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство на нивните патишта за пристапување кон ЕУ.

Во пакетот-извештаи Еврокомисијата ја потврдува својата посветеност на пристапниот процес и на перспективата за „обединување на Европа“, но посочува и на одредени пропусти и недостатоци во секоја од државите кандидати за членство.