Полицијата во Лос Анџелес била подготвена да го уапси Вил Смит откако го удрил колегата Крис Рок на сцената во неделата за време на доделувањето на Оскарите, откри продуцентот на шоуто Вил Пакер.
Тој го објави ова во емисијата „Добро утро, Америка“ на телевизијата „ABC“, од која беше објавен и извадок. Целото интервју ќе биде емитувано во текот на денешниот ден.
„Рекоа дека се работи за телесна повреда“, изјави Вил Пакер. „Рекоа дека ќе го одведат. „Подготвени сме. Подготвени сме веднаш да го однесеме. Може да поднесете пријава, ние да го уапсиме“ ги објаснија тие можностите“, посочи продуцентот.
Вил Пакер рече дека жртвата Рок ја отфрлила идејата.
„Не, не, не, добро сум“, уверил комичарот.
„И дури и во моментот кога реков: „Рок, нека си ја завршат работата“, тој одби, а полицијата објасни што може да направи, дури и го прашаа: „Дали сакаш да преземеме нешто?“ додал Пакер.
Полицијата во Лос Анџелес излезе со соопштение по доделувањето на престижните холивудски награди, во кое се вели дека знаеле за инцидентот, но актерот одбил да поднесе жалба. Сепак, тие не ја коментираа изјавата на Вил Пакер.
Американската академија за филмски уметности и науки покрена дисциплинска постапка против Вил Смит поради кршење на правилата на организацијата. Неговото членство може да биде замрзнато, прекинато или да му се наметнат други санкции.
Академијата соопшти дека од него било побарано да ја напушти церемонијата по неговиот агресивен чин, но тој одбил да го стори тоа.