Полицијата на Лукашенко брутално тепа, но Белорусите не се предаваат (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Илјадници Белоруси денеска организираа нови демонстрации против долгогодишниот авторитарен претседател Александар Лукашенко, барајќи негова оставка.

Агенцијата Франс Прес наведува дека десетици илјади демонстранти протестирале во неколку делови на Минск, извикувајќи „Да живее Белорусија“ и веејќи црвено-бели знамиња на опозицијата.

Голем број полицајци се на улица, со оклопни возила и водени топови.

Групата за заштита на човековите права „Вјесна“ изјави дека 70 демонстранти биле уапсени набргу по почетокот на протестот.

Белорусите на социјалните мрежи пишуваат дека повторно имало судири меѓу граѓаните и полицијата во дворовите на зградите.

Лидерот на опозицијата Светлана Тихановскаја, која се засолни во Литванија веднаш по изборите за да избегне апсење, го поздрави денешниот протест како нов чекор кон „слободна и праведна Белорусија“.

„Земјата не може да биде затвор ако никој не се плаши од чуварите“, напиша синоќа на „Телеграм“ Тихановскаја, која неочекувано стана главен ривал на Лукашенко на претседателските избори по апсењето на други истакнати опозициски фигури.

Властите затворија десетина метро станици во пресрет на денешниот протест, а прекини имаше и во мобилната мрежа, изјави новинарот Франс Прес.

Од почетокот на демонстрациите во август, најмалку четири лица починаа или во знак на протест или по апсењето, според АФП.

Илјадници демонстранти беа уапсени, од кои десетици пријавија дека биле измачувани во притвор.

loading...

Слични содржини