Млад маж, кој околу три часа се качуваше по стаклената фасада на „Трамп Тауер“ во Њујорк е приведен, објави на Твитер портпаролот на њујоршката полиција Карлос Ниевес. 
Полицијата внимателно го следеше искачувањето на мажот, кој уште не е идентификуван, но не интервенираше веднаш.
Телевизиите и социјалните мрежи настанот го прикажуваа во живо. Првично полицајците скршија еден прозорец во близина на мажот, за да разговараат со него и да го вразумат, но без успех.
Потоа се спуштија на негова височина со платформа за миење прозорци и демонтираа голем стаклен панел на 21. кат, неколку метра над него. Кога тој стигна до нивото на отворот, тројца полицајци успеаја да го фатат и го внесоа внатре, додека луѓето кои од улицата го набљудуваа настанот аплаудираа.
Младиот Американец сакал да се сретне со Трамп. Дваесетгодишното момче од Вирџинија е испратен во болница на псијихатриска проценка.
Тој се оквалификувал себе си како независен истражувач, кој сака да го привлече вниманието на Трамп и на Јутјуб објави видео снимка, во која говори за своите планови.
Во видеоклипот, објавен на Јутјуб, насловен како „Порака до господин Трамп (Зошто се искачив на вашата кула), тој ги повикува Американците да гласаат за кандидатот на републиканците.
– Причината, поради која се качив по вашата кула е за да го привлечам вашето внимание. Сите вие кои го гледавте тоа видео, ве молам да ми помогнете да се прошири во мрежата и на денот на изборите гласајте за господинот Трамп, вели момчето. Властите се уште не ја потврдиле автентичноста на видеото.