По одлуката на Владата за дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот, Македонскиот полициски синдикат реагира на точката 13 од сопштението во која стои дека вработените лица во МВР, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови да се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки на Владата.
„Ако еднаквоста на човековите права е едно од главните општествени начела, а интересот за положбата на децата се смета за еден од најзначајните во секое општество кое има граѓанска определба, како синдикат сметаме прашуваме зошто се дискриминираат децата на вработените лица во МВР“, пишува во реакцијата од Македонскиот полициски синдикат.
Оттаму го повикуваат раководството на Министерството за внатрешни работи итно да најде решение за неколку прашања.
„Ослободување од работа и работни активности на родителот вработен во министерството во случај кога двајцата родители родители работат во рамки на МВР, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови, кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение за кого е неопходна домашна грижа. Родителот да биде ослободен од работа и работни активности и неговото отсуство за време на овој период да биде евидентирано како оправдано од работодавачот.
Ослободување од работа и работни активности на самохраните родители вработени во Министерството за внатрешни работи.
Ослободување работа и работни активности на родителот на децата, односно лицата до 26 години кои се сместени и користат услуги во центрите за попреченост, во случај кога двајцата родители родители работат во рамки на МВР, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.
Ослободување од работа на вработени во МВР врз основа на приложена потврда од матичен лекар за хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, Дијабет – ТИП1, малигни заболувања и имуно-компромитирачки состојби, како и ослободување од работа и работни активности на бремените жени вработени во МВР“, се барањата што ги упатуваат од Македонскиот полициски синдикат.
Оттаму потсетуваат дека вработените во МВР биле, се и секогаш ќе бидат на браникот на државата и се едни од најповиканите кога државата е во тешки моменти, и дека им е јасно оти мораат максимално да одговорат на повикот, но прашуваат што со децата на вработените во МВР, кога кога воспитно образовните институции се затворени.
„Кој да ги згрижи нашите деца кога двајцата родители родители работат во МВР, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови? Каде да ги остават во тој случај своте деца вработените во МВР… На улица?“, прашуваат од Синдикатот.
Исто така од МВР повторно побараа преку службите за општи и заеднички работи до сите организациони единици во Министерството кои што при вршењето на редовните работни задачи се во директен контакт со странки, да им бидат доставени заштитни маски, гумени ракавици чие носење ќе биде задолжително како и средства за дезинфекција.