Половните автомобили нема да поевтинат поради високите давачки

од Vladimir Zorba
732 прегледи

Половните автомобили во Македонија нема да поевтинат, бидејќи давачките за увоз се уште се највисоки во регионот. Иако се очекуваше дека од 1 јануари годинава ќе има намалување, тоа не се случи. Од Владата најавија дека ќе направат подетална анализа за промена на даноците за увоз на половни автомобили. Увозниците велат дека давачките за увоз се многу високи и ја креваат цената на половните автомобили. Освен тоа, се уште постои неизвесност околу царинските тарифи кои ги воведе САД, поради кои увозот на половни возила од Европа може да поскапи, а дел од трошоците ќе паднат на крајните купувачи.

–Кај нас автомобилите се најскапи во регионот, а тоа се должи на високите давачки. Во Словенија се плаќа само ДДВ, а ние плаќаме и царина и ДДВ. Така на пример БМВ 5 во Словенија чини 38 илјади евра, а кај нас 45 илјади евра. Со години се бориме да се намалат давачките кои изнесуваат над 60 отсто од вредноста на возилото. Така на пример за возило купено во странство 15 илјади евра на државата и плаќаш 9.500 евра, вели за „Локално“ Александар, сопственик на автоплац.

Тој вели дека ако државата ги намали давачките ќе се намалат и половните звтомобили. Стандардот на граѓаните е низок и најбарани се оние автомобили кои чинат од 3000 до 5000 евра, а сега тешко се наоѓа автомобил во добра состојба за 3 илјади евра. За 7.000 евра веќе може да се купи солидно половно возило со старост од десет години.

-Годинава нема да се намалат давачките, дури може да очекуваме повисоки давачки како резултат на случувањата со тарифите. Сепак, царините на Трамп директно нема да влијаат многу на нашиот пазар, бидејќи ние не увезуваме од САД поради скапиот транспорт. Но, поради царините може да поскапи увозот на половни возила од Европа, која ќе биде директно на удар, а ние индиректно ќе го почувствуваме тоа, објаснува Александар.

Дека давачките кон државата за увоз на половни автомобили се многу високи може да се види од данокот на моторни возила кој го наплаќа Царинската управа.

Така на пример ако возилото е постаро дополнително се плаќа еколошка такса и издувни гасови ЦО2. Ако, пак е полуксузно, поново и над 10.000 евра се плаќа поголема акциза. Увозниците на половни возила велат дека ако се помали овие трошоци што ги наметнува државата и тие ќе понудат пониски цени. Луѓето овде немаат баш многу пари за ново возило, а сепак имаат потреба од возило и купуваат користено.

Лани по основ на данокот на моторни возила од страна на Царинската управа биле наплатени 2.661.000.000 денари, односно 43,6 милиони евра. Во однос на една година претходно растот на ова наплата е зголемена за околу 25 отсто, а споредено со 2022 е речиси двојно повеќе. Тогаш биле наплатени само 24,2 милиони евра. Односот на увоз на употребувани и нови возила и натаму останува 4 спрема 1. Лани во земјава биле увезени 13.158 нови, наспроти 41.483 половни автомобили.

Б.С.

Слични содржини