Откако британската новинарка Фиона Филипс објави дека ѝ е дијагностицирана Алцхајмерова болест на 61-годишна возраст, лекарите решија да предупредат на уште еден помалку познат симптом на болеста кој најмногу може да ги погоди возачите.
Според Здружението за Алцхајмеровата болест, еден од симптомите кои би можеле да се поврзат со почетокот на болеста е проблем со разбирањето на визуелните слики и просторните односи.
„За некои луѓе, проблемите со видот се знак за Алцхајмерова болест. Тие можат да доведат до тешкотии во рамнотежата или проблеми со читањето. Исто така можат да предизвикаат проблеми со проценката на растојанието и одредувањето на бојата или контрастот, што предизвикува потешкотии во возењето“, велат од здружението.
Други рани симптоми на болеста вклучуваат губење на меморијата што ги попречува секојдневните активности, проблеми во планирањето или решавањето на проблемите, тешкотии во извршувањето на задачите кои инаку се познати и губење на поим за датумите, годишните времиња или времето.
Луѓето кои живеат со Алцхајмерова болест, исто така, може да развијат проблеми со наоѓање зборови во говорот или пишувањето и може да имаат проблеми со следењето на разговорите.
Инаку, резултатите од новото истражување покажаа дека лекот донанемаб е пресвртница во борбата против Алцхајмеровата болест и дека значително ја успорува деградацијата на когнитивните функции, но има ризични несакани ефекти.