Над 130 лица минатата година го изгубиле животот на улиците и патиштата во Северна Македонија, а 5.860 биле сриозно повредени. Во просек, од 150 до 160 лица годишно го губат животот во сообраќајни незгоди, односно по едно лице на секои 2-3 дена. На оваа статистика потсетува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, кој под мотото „Време е! Разбуди ја свеста и кажи стоп за смртта на патиштата“ се одбележува денеска.
„Секоја година, нови настрадани – загинати и поврдени лица, се додаваат на безброј милиони што веќе страдаат како последица на сообраќајните незгоди. Затоа РСБСП упатува на апелите: „Време е! Разбуди ја свеста и кажи стоп за смртта на патиштата!“. Стоп за возачите кои без размислување притискаат на педалата за зголемување на брзината! Стоп за возачите кои возат пијани! Стоп за не користењето на безбедносните појаси! Стоп за возачите кои возат технички неисправни и небезбедни возила! Стоп за мотоциклистите без заштитна кацига! Стоп за лошите патишта! Стоп за не одбележаните пешачки премини ! Стоп за небезбедените велосипедски патеки“, велат од РСБСП.
Во светски рамки, статистиките покажуваат дека 1,3 милиони луѓе годишно го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се повредени. Тоа значи дека над 3.500 лица умираат дневно, како последица од сообраќајни незгоди, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода.
„Товарот на тага и неволја што го доживуваат огромен број луѓе како последица на сообраќајните незгоди е сè поголем затоа што голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се деца и млади. Годишно во светот, околу 400.000 млади лица, на возраст до 25 години, го губат животот во сообраќајни незгоди, односно 1100 млади лица, на возраст до 25 години, секој ден го губат животот во сообраќајни незгоди“, соопштува РСБСП.
Според нивните анализи, сообраќајните незгоди претставуваат прва причина за смртност за лицата на возраст од 15 до 19 години, втора причина за смртност за лицата на возраст од 10 до 15 години и од 20 до 24 години и трета причина за смртност за лицата на возраст од пет до девет години.