Поминаа 19 години од барањето за членство: Македонија излезе од децениската „чекална“, но кога ќе влезе во ЕУ?

од Nikola Popovski
195 прегледи

На денешен ден пред 19 години, Македонија го поднесе барањето за членство во ЕУ. Од тогаш државата постојано беше во „чекалната“. Сепак дури по 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, земјава лани ги почна пристапните преговори со Унијата, после прифаќањето на европскиот предлог, кој е наша нова преговарачка рамка. Многу пати досега добивавме уверувања и заложби дека сме блиску до членство, но сепак ако нешто нè научи приказната за патот кон членство, тоа е дека одеднаш може да се појави нова пречка во облик на друга земја-членка на ЕУ со приговори, ненадејни избори или неспроведени реформи и да нè спречи со сигурност да кажеме дека сега е моментот за целосно приклучување.

Што после овој долг период за нашата земја? Постои ли воздух на оптимизам дека Северна Македонија може да оди напред во оваа или наредната година? Дали 2030 е реалната цел за да биде дел од големото европско семејство? Директорот на Институтот Преспа, Андреја Стојковски во разговор за „Локално“ вели ЕУ очигледно се сеќава периодично на нас и нашите аспирации за членство.

Андреја Стојковски

 

-Ниту еден процес за пристапување кон ЕУ не завршил исклучително брзо, но нашиот случај е посебен. Политичарите произлегуваат од граѓаните и тие во најголем дел одлучуваат кои ќе бидат нашите политичари. Не можеме да ги амнестираме граѓаните, а да ги обвиниме политичарите. За многу од работите кои што треба да ги спроведеме и за кои што велиме дека станува збор за европски стандарди или правила, едноставно не го почитуваме и наоѓаме начин како да ги заобиколиме, вели Стојковски, одговарајќи на прашањето дали ги плаќаме грешките на некои политичари или и самите граѓани придонесоа за оваа ситуација.

Тој потенцира дека „во традицијата на Македонецот и сите граѓани што живеат во овие простори е да познаваат некого или да најдат најчин за да заобиколат за едно правило“.

-Стоејќи во канцеларија и гледајќи надвор од прозорецот, гледам безброј возила кои се паркирани на самиот коловоз, паркирани, некои блокирајќи други возила, други паркинг места.. Тоа е затоа што сакаме да поминеме на поедноставен начин и не си ги почитуваме обврските. Политичарите не се многу поразлични од граѓаните. Во добар дел од нашето пристапување, политичарите секогаш зависат од волјата на граѓаните. Не смееме да ги ослободиме од одговорност бидејќи за држава како нашата треба константен фокус и посветеност на државите и на политиката на проширување, нагласува соговорникот.

Според него, средствата од ЕУ што се инвестирани во земјава се вложени заради тоа треба да ни помогнат во нашата хармонизација со европските стандарди и правила.

-Ние едноставно не сакаме да ја видиме потребата или не сакаме да ја видиме добрата страна на таквата инвестиција. Бараме инстантна поддршка и средства за некакви лични или потреби на одредена група што можеби не секогаш се поврзани со европските равила и прописи. Ако гледаме низ статистика и бројки во однос на доделени средства, грантови и заокружени проекти, мислам дека ЕУ е далеку подобра од било која политичка партија што сме ја имале досега на власт. Многу од нив зборуваат за реализирани проекти, но ЕУ е најдобрата партија, смета Стојковски.

Сепак, тој е дециден дека колку што НАТО е гаранција е за безбедноста на државата или за територијалниот интегритет, ЕУ е дефинитивно гаранција за економскиот развој.

-Замислете што се се можеше да се случи во државата, ако не бевме членка на НАТО, пред почетокот на руската инвазија во Украина, заклучува Стојковски.

Васко Наумовски

Професорот и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Васко Наумовски порачува дека во периодот кога Македонија аплицираше за членство во ЕУ, ентузијазмот за влез на целиот регион беше на многу повисоко ниво отколку што е сега.

-Оттаму нашите амбиции и амбициите на државите од регионот беа дека ќе успееме да станеме членки на ЕУ неколку години после нашето аплицирање. Сепак иако и самите најави на ЕУ уште на самитот во Солун, дека сите држави од Западен Балкан имаат јасна европска перспектива, еве речиси 20 години после нашата апликација, се уште ја немаме заокружено почетната фаза од преговорите, истакнува Наумовски за „Локално“.

Дополнително на тоа, вели тој, во изминатите години се појавија нови предизвици на европско ниво кои што го спуштија проширувањето пониско на агендата на самата ЕУ – пред се тоа се предизвиците со ковид-кризата, економско-финансиската криза, како и самата потреба за внатрешно реформирање на структурата на ЕУ со цел да прими нови членови, како и бегалско-мигрантската криза која го намали ентузијазмот на државите земји-членки за прием на нови членки.

-Јавното мислење меѓу земјите-членки не е поволно за проширување на Унијата, а пак политичките елити во овие држави секогаш како приоритет ќе го имаат нивното јавно мислење. Еден друг значаен аспект е и недостатокот на трансформацијата на општествата од Западен Балкан, со цел да се приближиме кон европските критериуми и континуираното постоење на истите проблеми. Тука мислам пред се на корупцијата, немањето резултати во реформите во правосудството и администрацијата, мешањето на политиката во речиси сите сфери од општеството, недостатокот на лидерство и визионерство од страна на политичките елити во Македонија…, анализира Наумовски.

Според него, не треба да ги запоставиме и негативните ефекти на нашиот пат кон ЕУ, како што се билатералните проблеми и отворени прашања.

-Го имавме спорот со Грција, кој што и формално не оддалечи со употребата на грчкото вето, но се појави и проблемот со Бугарија. Овие два билатерални проблеми ја оддалечија Македонија за најмалку 10 години од полноправното членство. Ако не постоеја овие два проблеми, одамна ќе бевме членка на ЕУ. Се плашам дека недостатокот на лидерство од ЕУ да изнајде решение за овој проблем и попречувањето на проширувањето, негативно влијае на целиот процес и го намалува ентузијазмот кај државите и граѓаните за спроведување на потребните реформи, посочува поранешниот вицепремиер за евроинтеграции.

Смета дека главниот предизвик од наша страна е како граѓаните да се убедат дека целиот процес на проширување ќе се заснова на јасни критериуми и дека секоја реформа ќе вроди со плод, а од страна на ЕУ, главниот предизвик е како самата Унија да го оддржи својот кредибилитет и да го поправи за да овозможи реализација на она што пред 20 години е дадено како заложба и ветување – сите држави од Западен Балкан еден ден ќе станат членки на ЕУ.

-Сите показатели велат дека доколку се исполнат критериумите и постои политичка волја од страна на земјите-членки од ЕУ, целта за 2030 година е остварлива, но нашето искуство вели дека се соочивме и ќе се соочиме со нови проблеми и критериуми кои не се јасно дел од копенхашките критериуми. Самиот процес на проширување сега е различен од процесот пред 20-25 години, сега критериумите се заострени и поголема е шансата после новата методологија, некоја држава-членка да изрази резерва за напредокот на земјата кандидат и да го забави нејзиниот процес. Потребен е широк политички консензус да работиме на остварување на зацртаните цели во преговарачката рамка, што не го гледаме кај политичките елити, дециден е Наумовски.

Н.П.

Слични содржини