Помпео: Лидерите на Србија и Косово дефинираат нов тон на помирување

од Stefanija Kuzmanovska
216 прегледи

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изјави дека храбрите и надежни лидери на Србија и Косово не само што им носат економски раст и работни места на граѓаните, туку и дефинираат нов тон на помирување на патот кон напредокот на Западен Балкан, пренесе „Нова.рс“.

„САД ги пофалуваат претседателот на Србија (Александар) Вучиќ и премиерот на Косово (Авдулах) Хоти за историските договори постигнати во Белата куќа за широк спектар на прашања за нормализирање на економските односи“, наведе Помпео во писмената изјава за потпишувањето на договорот меѓу Србија и Косово за нормализација на економските односи.

Тој додаде дека САД уште еднаш ја потврдуваат поддршката за тековните преговори меѓу Косово и Србија кон сеопфатно нормализирање на односите.

„Исто така, му честитаме на премиерот Хоти за монументалното достигнување на нормализацијата на односите и заемното признавање на Косово и Израел, како и на претседателот Вучиќ за обврзувањето на Србија да отвори канцеларија на Стопанската комора и да ја премести амбасадата во Ерусалим“, рече Помпео.

Шефот на американската дипломатија оцени дека овие „храбри чекори ќе го зајакнат мирот“ меѓу американските партнери во Европа и на Блискиот исток.

„Безбедноста, стабилноста и просперитетот ширум Западен Балкан остануваат клучни цели на Соединетите држави. Со поддршка на претседателот (на САД Доналд) Трамп, премиерот Хоти и претседателот Вучиќ направија големи чекори кон таа заедничка визија“, додаде Помпео.

Претходно, и Трамп ја поздрави „храброста на Вучиќ и Хоти“ и оцени дека со договорот „ги направија своите земји, Балканот и светот побезбедни“.

Вучиќ и Хоти вчера во Вашингтон во присуство на Трамп потпишаа договор наречен „Економска нормализација“, кој има две верзии со разлика во последната точка, додека остатокот од текстот е идентичен.

Договорот предвидува заеднички инфраструктурни проекти, пристапување на Косово во мини-Шенген, зведување студија за поделба на енергетските ресурси во езерото Газивода и диверзификација на снабдувањето со енергија од двете страни.

Приштина вети дека нема да бара членство во меѓународни организации во следната година, а Белград дека нема да лобира за да се повлече признавањето на независноста на Косово. Според договорот, Србија се обврза да ја пренесе амбасадата од Тел Авив во Ерусалим до 1 јули 2021 година, а Косово на заемно признавање со Израел.