Поништување на Договорот со Бугарија ќе ја запре нашата евроинтеграција, смета Пендаровски

од Берта Китинска
218 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски не поддржува референдум со кој би се поништил Договорот за добрососедство со Бугарија, бидејќи како што вели, би ја запрело европската интеграција на земјава.

– Ако вие го оспорувате или се обидувате да го оспорите преку референдум билатералниот Договор со Бугарија и европските интеграции и преговори, тоа е исто како некој да ви каже дека можете на референдум да го оспорите или поништите Договорот со Грција – Преспа и да останете членка на НАТО, не е можно. Значи, да немаме илузии, билатералните договори со соседите и добрососедските односи како што ги именуваат во ЕУ се еден од клучните предуслови, секогаш и биле, за интеграција на која било држава не само од овој регион, туку на целиот посткомунистички свет по 1990 година, изјави Пендаровски.

За тоа дали би иницирал средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицкоски, чија партија покрена постапка за распишување референдум, претседателот Пендаровски истакна оти секој што посакал да разговара со него за кое било прашање, тоа го добил, и оти и тој како претседател иницирал средби и разговори со сите политички чинители.

– Останувам отворен за разговори за кое било прашање што ги тангира интересите на државата и пред се интересите на граѓаните. Меѓутоа, во однос на ова ваше прашање, мојот став е познат, а го соопштив вчера на македонската јавност, рече Пендаровски.