Понудата од 48 евра за мегават-час е поради зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, велат од ЕСМ

од Nikola Popovski

АД ЕСМ понуди цена на произведената електрична енергија од 48 евра за мегават-час за периодот јули-декември 2022г. Цената за претходното шестмесечје, јануари-јуни 2022г изнесуваше 41е/МWh.

Од таму велат дека тоа се должи на енормното зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и нивната недостапност, особено во период на грејна сезона.

-Цените на мазутот, јагленот, гасот и електричната енергија забележуваат исклучително поскапување и тешкотии при набавката, што влијае врз производната цена на електричната енергија од АД ЕСМ. Кога се анализира понудената цена од 48 евра за мегаватчас треба да се земе предвид дека цените за електрична енергија на берзата HUDEX за периодот јули-декември 2022г. се движат меѓу 320 и 360 евра за мегаватчас. Доколку АД ЕСМ пресмета пазарна цена кон ЕВН Хоме тогаш крајната цена за граѓаните би била приближна до бројките од берзанските цени, се вели во соопштението.

За периодот јули-декември 2022, велат од ЕСМ дека ќе ги обезбедат вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоме, односно 100% да се покријат потребите на граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60%), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО.

-Исто така, ЕСМ се обврза да обезбеди и дополнителни 10% енергија доколку ЕВН Хоме го побара тоа во текот на договорниот период, информираат од АД ЕСМ.

За цената на електричната енергија на „ЕВН хоме“ во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика.

Цената ќе зависи од повеќе влезни параметри: цената по која АД ЕСМ му ја продава електричната енергија на „ЕВН хоме“, цената на преносниот систем-оператор МЕПСО, цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО, како и цената на дистрибутивниот систем-оператор „Електродистрибуција“.

Слични содржини