Словенечките крајбрежни градови Пиран, Изола и Копар синоќа се поплавени поради обилните дождови и комбинацијата на циклон, јужен ветер и полна Месечина, што предизвика исклучително висока плима.
Според неофицијални информации, нивото на морето ја достигна втората највисока точка во последните 50 години.
Словенечката новинска агенција СТА објави дека нивото на водата во одредени делови достигна 60 сантиметри, а најлоша состојбата е во Изола.
Според податоци на копарската Служба за мерење на плимата, нивото на плимата достигна 373 сантиметри, што Агенцијата за заштита на животната средина го нарече редок феномен.
Пожарникарите цела ноќ поставувале бариери за да го спречат понатамошното ширење на водата.
Обилниот дожд и ветерот предизвикаа проблеми и во другите делови од земјата, посебно во североисточниот и западниот дел на Словенија.