Поплави и излеани реки

од desk4
78 прегледи

Улици претворени во реки, излеани речни корита-ваква е сликата по 24 часовниот непрекинат дожд, поради кој дел од Македонија, е под вода. Градежните зафати кои изминативе неколку години се правеа во Вардар го изменија текот на реката, поради што по дождови водата се излева од коритото. Галиите засега го издржуваат притисокот од водата, информира ТВ24.

„Забележано е дека пред да постојат било какви градби во реката во последните десетина години немаше никаков проблем за протоци од 15 до 300 метри кубни во секунда, но сега е забележано дека и при помали води се јавува проблем поради изразито стеснување во делот каде што планира да се гради тркалото“, вели Васко Стојов–раководител на хидрологија при УХМР.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека примени се повеќе повици од граѓани од Тетово и село Мала Речица за поплавени подрумски простории и магацини. Тие побарале брза интервенција за да се намали коритото на горниот тек на реката Вардар каде излевањето е најизразено.

„Од град Скопје е побарано браните да го намалат испустот на вода во реките за да се намали водостојот во коритото на горниот тек на Вардар“, вели Надица Вчкова – Центар за управување со кризи

Граѓаните се револтирани. Велат состојбата е ваква поради долгогодишната негрижа на институциите.

„Голема одговорност има и поранешната Влада за еколошкиот напад. Во самиот строг центар со поставувањето на трите галии, тие во секој случај треба да се тргнат“,

„Капење имаше, имаше луѓе кои лежеа тука, беше чисто. Сега индустријата е таква каква што е“, велат граѓаните.

Надлежните уверуваат дека нивните екипи се на терен и се следи состојбата

„Град Скопје е подготвен да се справи со оваа состојба и нема место за паника. Екипите се на терен и се следи ситуацијата и се преземаат мерки за да се спречи понатамошно излевање“, вели Емил Дуровиќ – началник на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје.

Од УХМР алармираат дека дожд се очекува и за викендот.