Од владејачката партија апелираат наставниците да не подлегнуваат на притисоци на опозицијата за која велат дека во седумгодишното владеење не се погрижи да им обезбеди достоинство и пристоен живот.
По најавите дека СДСМ утре ќе организира собир на наставници пред Министерството за образование и наука од каде ќе побараат зголемување на платите на наставниците од есенва, реакција пристигна од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Сергеј Попов на прес-конференција рече дека СДСМ и ДУИ вршат брутална злоупотреба на наставниците со организирањето на партиски протест со што пак докажуваат кој стои зад наводниот синдикат.
Попов обвини дека протестот го организира довчерашниот државен секретар во Министерствтото за образование и наука, Билјана Казанџиска која била трет човек по хиерархија во институцијата и која имала можност да придонесе за подобри плати и услови за работа, а која наместо тоа, оставила празен буџет за оваа намена во 2024 година.
„Сведоци сме на една трагикомична ситуација, СДС кои 7 години беа на власт утре организираат протест пред Министерството за образование и наука. Група членови на СДС ќе протестираат барајќи повисоки плати за наставниците. Протестот го организира довчерашниот државен секретар во МОН, Билјана Казанџиска. Ситуацијата, едноставно опишана е следна – Казанџиска свесно турнала некого на земја и сега му подава рака за да стане, претставувајќи му се како заштитник“,рече Попов.
Пратеникот рече и дека СДСМ можеле да реализираат покачување на платите во периодот кога биле на власт, но оти наместо да ги подобрат условите, тие буџетските средства ги користеле за милионски набавки во ЕСМ и патувања на министрите.
„Апелираме до наставниците да не наседнуваат на партиски хушкања. Да не подлегнуваат на притисоци на опозицијата која 7 години беше власт и не се погрижи да им обезбеди достоинство и пристоен живот. Актуелната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ има конкретен план како да го врати дигнитетот на наставниците. Со враќање на девастираните институции во нормала и со креирање на нов буџет за 2025 година кој домаќински и транспарентно ќе се користи, ќе се обезбедат пари за повисоки плати, за подобри услови за работа и за повеќе можности за кариерен и професионален развој“, вели Попов.