Поради кои причини АА инсистира на министерствата за правда и здравство?

од Nikola Popovski
203 прегледи

Партијата Алијанса за Албанците (АА) веќе со една нога е во Влада откако нејзиниот лидер Арбен Таравари вчера после средбата со премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека сихронизирани се околу 90% од програмските определби. Во исчекување на нова средба на која треба да бидат договорени кадровските решенија и министерства кои треба да ги добие АА, се шпекулира со два ресори. „Локално“ ја праша АА на кои министерства цели за влез во Владата, по што добивме одговор дека станува збор за правда и здравство.

-Како што вчера изјави и претседателот Таравари, ние сме спремни и цениме дека можеме да придонесеме со раководење на правда и здравство поради две причини. Прво заради нашата програма за борба против корупцијата и владеење на правото и второто поради кадровските капацитети за менаџирање со здравство, посочија од АА.

Додадоа дека очекуваат средба во наредните денови.

-Сепак во преговорите не е стигнато до кадровските распределби и тоа се очекува деновиве во средби на работните групи, ни одговори функционер од партијата.

Вчера Таравари информира дека имаат големи шанси да бидат дел од Владата.

-Сихронизирани се околу 90% од тоа што ние предлагаме. Определбата на државата за евроинтеграции, закони за борба против корупција и правна држава, закон за Влада, Бирото за рамномерен и регионален развој да биде Агенција за рамномерен и регионален развој. Едно од министерството за кое што имаме најдобри кадри е здравство, но воопшто не ја начнавме оваа тема, појасни лидерот на АА пред новинарите.

СДСМ едногласно на состанок на Извршниот одбор одлучи партијата да ги продолжи разговорите со Алијанса врз основа на политички и програмски принципи.

-За понатамошните разговори со Алијанса, ИО на СДСМ одреди Работна група во која покрај претседателот ќе учествуваат и: Миле Зечевиќ – генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски – член на Централниот одбор и Јован Митрески – координатор на ПГ на СДСМ, информираа синоќа од партијата на власт.

Претходно премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски информираше дека АА е се поблиску до тоа да биде дел од Владата.

-Во најголем процент од политичките определби се усогласивме со Таравари. Разговаравме најпрвин за текот на скрининг процесот кој државата го има со ЕУ, за претседавањето со ОБСЕ, за стратешкиот дијалог кој го водиме со САД и акциониот план кој се подготвува од Влада и зборувавме за можното проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците, рече меѓу другото Ковачевски.

Н.П.

Слични содржини