Поради намалениот број пациенти со Ковид-19 од изутрината се затворени ковид – центрите во неколку клиники во Скопје и дел од капацитетите за ковид пациенти во болниците во другите градови, соопшти Министерството за здравство.
Затворени се ковид – центрите на клиниките за кардиологија, за ОРЛ, за очни болести и Институтот за физикална терапија.Од почетокот на неделава без ковид – пациенти се и Клиниките за урологија и Пластична хирургија кои веќе почнаа со редовен хируршки програм. Во петок ќе се затвори и ковид – центарот на Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ, а од понеделник Клиниката за ортопедија и Клиниката за трауматологија почнуваат со редовен хируршки програм, стои во соопштението.
На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 649 пациенти со Ковид-19. Има околу 900 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 17 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 258 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.
Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 391 пациент позитивен и суспектен на коронавирусот.
Во последното деноноќие, во Скопје на Интерните клиники имало девет приеми. Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември” имало двајца примени пациенти и шест билe примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 42 оздравени пациенти.
Во ковид – центрите на Интерните клиники се лекуваат 75 пациенти. Во ГОБ „8 Септември” има вкупно 86 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 89 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај децата-Козле има пет пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид-19.
Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и изутрината до 8 часот имало 340 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 49 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 41 пациент. На инфективното одделение во Тетово има девет пациенти, во Велес се лекуваат 48 болни, а во Куманово 62 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирано 45 пациенти, во Прилеп 34, во ковид – центарот во Гостивар 12, а во Струга 15 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 35 пациент, во Кочани 15, во Кичево тројца, Кавадарци 18, а во Гевгелија пет лица позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.