Поради однесувањето на опозицијата, не можеме да се договориме за две-три стратешки работи, вели Пендаровски

од Vladimir Zorba
151 прегледи

Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски во интервјуто за „Анадолија“ прашан во контекст на уставните измени кои произлегуваат од билатералниот Протокол потпишан со Бугарија, изрази скепса дека сегашната опозиција во Парламентот има расположение да гласа за уставните измени. Пендаровски смета дека во досега потпишаните документи нема никаква опасност кон македонскиот идентитет и јазик, а дека ставот на опозицијата е наметнат од внатрешнопартиска логика.

– Вие не можете со сила никого да натерате (да гласа), ако од сегашната опозиција мислат дека документиве се опасност за македонскиот народ. Јас не мислам така. Моја проценка е дека многу тешко ќе се дојде во овој парламентарен состав до 2/3, затоа што, колку што јас можам да проценам, опозицијата во македонскиот Парламент го чита договорот со Бугарија, односно преговарачката рамка со Европската Унија, низ партиска диоптрија, рече Пендаровски.

Говорејќи за политичката поларизација во земјава, тој вели дека не може да се постигне консензус ни за стратешките прашања како што се евроинтеграциите.

-Двата главни политички блока се толку далеку и поларизацијата е толку голема што и јас навистина не верувам дека тука има минимум волја, пред сѐ поради однесувањето на опозицијата, да се договориме за некои две-три стратешки работи, вели Пендаровски според кого не би помогнала ни можна лидерска средба иницирана од неговиот Кабинет.

Претседателот Пендаровски, за односите со Турција вели дека се на исклучително високо ниво и дека земјата, уште од почетокот на 90-тите години, кога ја прогласи својата независност, па сѐ до денес, секогаш добивала максимална поддршка од Анкара, која ѝ помага на патот кон нејзиното членство во меѓународните организации, но и во економската област со бројни инвестиции.