Податоците од мониторинг станицата за квалитет на амбиенталниот воздух во Гази Баба во текот на изминатите пет часа се невалидни поради замена на потрошен дел, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека поради технички зафат врз инструментот за мерење на суспендирани честички со големина до 10 микрометри од Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух во Гази Баба, односно замена на потрошен материјал (филтер во облик на лента) преку која се врши отчитување на мерените концентрации, податоците од 06:00 до 11:00 часот на 09.11.2019 година се невалидни“, наведуваат во соопштението.
Оттаму додаваат дека тие не се одраз на извршени мерења, туку на соодветен код од инструментот кога истиот има недостаток.
Појаснуваат дека е извршена замена на потрошниот материјал и грешката во инструментот е отстранета.
Инструментот е пуштен во работен режим, додека податоците од наредните извршени мерења на концентрацијата на ПМ 10 ќе бидат достапни од 13:00 часот.