Поради злоупотреби на договорите за определено, работниците не можат да земат станбен кредит

од Nikola Popovski
550 прегледи

Работодавачот ќе може да го држи работникот на определено време најмногу една година, наместо пет како што беше досега. Ова е едно од клучните барања на Сојузот на синдикатите на Македонија во новиот Закон за работни односи за кој веќе долго време се разговара со работодавачите. Со измените и дополнувањата на овој Закон се предвидува работникот да може да се држи на определено време најмногу до една година, за разлика од сегашното законско решение според кое е дозволено работникот пет години да се води на определено време.

Од ССМ велат дека договорите на определено работно време создаваат правна несигурност кај вработените за да може нешто да планираат, не се кредитно способни и се незаштитени во однос на неоправданите откази.

Освен оваа измена, ССМ во јавната расправа за измени и дополнувања на Законот за работни односи даде предлог за поголем износ на отпремнина при отказ од деловни причини, намалување на неделно работно време на 35 часа, зголемување на породилно отсуство, како и намалување на договорите на определено време на една година.

-Нашето објаснување беше дека работодавачот може да оцени некој работник уште во првите шест месеци. Затоа предложивме да не се одолговлекуваат овие договори на подолг рок, бидејќи даваат тотална несигурност кај вработените. Покрај несигурноста дали ќе ја задржат работат неможат да земат станбен кредит, а во најголем дел од случаите се работи за нови вработувања и млади луѓе. Токму најголем дел од младите се жалат на злоупотребата кај договорите на определено време. Имено со измена на називот на работното место им се дава нов договор и нов рок и цело време се на определено време. На овој начин им се продолжува определеното време на повеќе од 5 години. Има државни институции кои се уште држат работници со договори на определено време повеќе од 5 години, изјавија од ССМ за „Локално“.

Оттаму велат дека покрај договорите на определено време уште поголем проблем се хонорарците и вработените со договор на дело на кој не им се пресметува здравствено и пензиско осигурување само им се плаќа персонален данок. Има многу вакви работници како во приватен, така и во јавен сектор како медицински сестри, болничари, хигиеничарки…

Законот за работни односи се уште не е дојден на дневен ред на новата Влада и повеќе од една година стои во фиока, а со него треба да се решат многу важни прашања кои се од интерес за работниците. Покрај Законот за работни односи на ред чека и Законот за безбедност при работа кој се уште не е донесен.

Б.С.

Слични содржини