Иако Вардар го освои Купот на Македонија по 18 години пауза, сликата не е така идилична во клубот. Навивачката група „Комити“ која е во војна со раководството на клубот и претседателот Миленко Неделковски, си замина од западната трибина пред крајот на финалето, во 87-та минута во знак на револт.
Навивачите оставија транспарент на трибините: „Тоа што бевте во минатото, останете и во иднината – послушници на свињата“.
Преставникот на навивачите, Милорад Миленковски минатата година на прес-конференција истакна дека „Комити“ биле доведени до одлука или да го дадат клубот или Вардар да не постои. Претставник на новиот сопственик на клубот, Атила Бижен Жалили и на тие состаноци, на кои имало и посредници од Владата бил и актуелниот извршен директор Неделковски.
-Првично одбивме, но на 3 јули си подадовме рака, задржувајќи 15% за да можеме да реагираме ако работите тргнат наопаку. Претставник на Владата во разговорите беше Владимир Неловски и во тие разговори јасно ни беше кажано: Или Миленко ќе биде во Вардар или клубот нема да постои. Знаевме дека немаме некои силни преговарачки опции и единствено што можевме е да прифатиме, разјасни Миленковски.
Вардар го совлада тимот на Струга ТЛ во финалето со 2:0. Михаил Талевски беше двоен стрелец во победата на „црвено-црните“ на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб сега го чекаат квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, каде заедно со Работнички и Силекс ќе биде меѓу неносителите. Ждрепката за 1. рунда е на 17 јуни.