Поранешен офицер на ФСБ: „Готвачот“ треба да биде обесен поради бунтот

од Vladimir Zorba

Поранешниот агент на ФСБ и руски воен блогер Игор Гиркин, познат и како Игор Стрелков, повика шефот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин да биде строго казнет за вооружен бунт против руското воено раководство. Иако Стрелков упати голем број критики кон претседателот Владимир Путин и руската војска во минатото, тој не го поддржа обидот за бунт на „Вагнер“.

„Ве молам сфатете го како мислење. Не мислам дека сите команданти и борци на „Вагнер“ заслужуваат да бидат застрелани. Но, бесење на „готвачот“ за бунтот и убиството на нашите офицери е едноставно неопходно за да се зачува Русија како држава“, изјави Стрелков преку својот Телеграм канал, пренесува NEXTA.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, Стрелков се позиционираше како гласен критичар на руската воена стратегија. Тој постојано ги напаѓа Путин и највисоките руски воени функционери, пејоративно нарекувајќи ги „идиоти“, додека Путин го нарекува „кретен“ чии сили „загарантирано“ ќе загубат.

Инаку, во ноември минатата година, Украина го осуди Гиркин во отсуство, заедно со уште еден Русин и Украинец, за убиството на сите 298 лица на летот MH17 на Малезија ерлајнс, кој беше соборен над територијата контролирана од сепаратистите во источна Украина во 2014 година.

Слични содржини