Американската влада не само што поседува неидентификувани летечки објекти (НЛО), туку и остатоци од „нечовечки“ пилоти на тие летала, изјави Дејвид Граш, поранешен разузнавач на американските воздухопловни сили.
Тој и уште двајца пензионирани припадници на американската војска сведочеа пред Надзорниот комитет на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес за неидентификувани летечки објекти и постоење на вонземјани.
„Технологијата со која се сретнавме беше далеку посупериорна од се што имаме“, рече Граш, зборувајќи за неговата средба со НЛО во 2004 година.
Тој тврди дека ги знае „точните локации“ каде што се наоѓа оваа технологија и наведува дека „тие локации му ги дал на генералниот инспектор, а некои и на разузнавачките комитети“.
Сепак, тој објасни дека овие наоди не се од прва рака, туку врз основа на информации што ги добил од други.
„Јас самиот не ги видов“, рече тој.
На рочиштето тој исто така подвлече дека американската влада ги прикрива истражувањата за НЛО и посочи дека сите информации што ги има ги предал на генералниот инспектор.
На прашањето на конгресменот дали американската влада има информации за вонземски живот, Граш рече дека САД веројатно се свесни за нечовечки активности уште од 1930-тите, пренесува АП.
Минатата година, по повеќе од 50 години, Конгресот започна јавни расправи за НЛО.
„Ако НЛО се страни беспилотни летала, тогаш тоа е итно прашање на националната безбедност. Ако тие се нешто друго, тоа е прашање на наука. Во секој случај, неидентификуваните објекти се проблем на воздухопловната безбедност“, рече Рајан Грејвс, поранешен пилот на морнарицата кој го основаа здружението чија цел е да ги поттикне другите пилоти да зборуваат за нивните средби со НЛО.
Грејвс и Дејвид Фрејвор, пензиониран командант на американската морнарица, сведочеа пред Комитетот за нивните искуства со НЛО додека биле во војска.
Одделот на Пентагон задолжен за анализа на извештаите за неидентификувани неприродни феномени (попознати како НЛО – неидентификувани летечки објекти) му кажа на американскиот Конгрес во април дека неговата канцеларија прегледува повеќе од 650 инциденти, но дека во ниту еден од нив не е видливо нешто што би можело да биде доказ за активност на вонземјани или нешто што би ги прекршило законите на физиката.