Поранешни функционери и раководство на ЕСМ под истрага за договорот за течен гас во Грција

од Марта Пешевска
67 прегледи

Енергетската компанија ЕСМ поднесе кривична пријава поради сомнителни одлуки околу закупот на новиот терминал за течен природен гас во Александрополис, Грција. Пријавата е поднесена против поранешните членови на управните и надзорните одбори на ЕСМ, како и против неколку високи функционери од претходната влада предводена од СДСМ.

На денешниот брифинг во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, генералниот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, објасни дека компанијата плаќала закуп за дел од терминалот кој всушност не можел да се користи. Тој додаде дека според член 353 од Кривичниот законик, одговорните лица несовесно ги штителе интересите на државата и компанијата, при што нанесената штета е поголема од пет милиони евра.

Штетата се однесува на плаќања за закуп на прекуграничен капацитет и простор во терминалот за течен природен гас. ЕСМ месечно плаќал над 250 илјади евра за капацитет што не бил во употреба. Меѓу лицата опфатени во пријавата, како што јави ТВ Телма, е и поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој изјави дека не е запознаен со овие обвинувања и нагласи дека целата документација за договорот е достапна во Владата и ЕСМ и може да се провери.

Терминалот за течен природен гас во Александрополис почна со работа на 1 октомври 2024 година. Преку него се обезбедува гас за неколку земји од регионот, вклучително и Северна Македонија. Изградбата на овој терминал беше означена со свечена церемонија во мај 2022 година, на која присуствуваа премиерите на земјите од регионот и претседателот на Европскиот совет.

Северна Македонија официјално стана партнер во проектот уште во март 2021 година, кога ЕСМ и грчките компании потпишаа меморандуми за соработка. Според договорот, нашата земја учествува со 25% во гасната централа од 800 мегавати во Александрополис, чија вредност е проценета на над 380 милиони евра. Покрај тоа, се предвидува учество од 10% во изградбата на гасниот терминал, чија вредност изнесува околу 370 милиони евра.

Судбината на кривичната пријава и дали ќе биде прифатена ќе се знае во наредниот период.

Слични содржини