Жените и мажите подеднакво се возбудуваат кога гледаат фото или видеоматеријали со порнографска содржина, покажува едно најново истражување.
Општо владее мислењето дека мажите почесто и повеќе се возбудуваат кога гледаат порно, во споредба со жените, меѓутоа според најновите истражувања не постојат значителни разлики меѓу половите по ова прашање.
Истражувањето го спроведоа научници во Институтот за биолошка кибернетика „Макс Планк“ во Тибинген, Германија и резултатите беа објавени во научното списание PNAS.
Анализирани биле податоци од 61 студија каде бил користен методот на neuroimaging, односно мерење на активноста на мозокот. Притоа биле анализирани снимки на мозокот на 1.850 луѓе кои добивале визуелни еротски стимуланси.
Според заклучоците, човечкиот мозок реагира на порнографски слики на ист начин, независно од полот.
„Досега се претпоставуваше дека има разлика во начинот на кој двата пола реагираат на еротски слики и видеозаписи. Се смета дека генерално, мажите посилно реагираат на визуални сексуални стимуланси во споредба со жените“, велат научниците и додаваат дека оваа погрешна претпоставка најверојатно е последица на сознанието дека мажите почесто гледаат порно во споредба со жените.
„Има разлики во однесувањето, на пример од вкупниот број на посетители на порнографските страници, околу 80% се мажи“, вели Хамид Нори, водач на истражувачката група.
Нори додава дека резултатите од ова истражување одат во прилог на побивање на некои митови за сексот и половите, како на пример дека жените помалку сакаат секс од мажите.